Опис на проектот
Преку проектот „Културното наследство – прилог за иднината” локалното население, а особено младите од Кривогаштани, станаа свесни за вредноста на сопственото традиционално наследство. Зачувувањето, афирмација и популаризација на културното наследство и подигање на свеста се одвиваа преку трибини, работилници и теренски истражувања на традиционалната култура. Децата изработија традиционални предмети од глина и ликовни творби коишто се изложени во етномузејската збирка, прва од овој вид во општината. Објавена е книгата „Традиционалната култура во општина Кривогаштани” на македонски и на англиски јазик, која што може да се набави во канцеларија на Здружението на жените „Хоризонт” во Кривогаштани.
Контакт
Организација на жени „Хоризонт”, ул. Едвард Кардељ бр. 3,
7524 Кривогаштани
Менче Клекачкоска, 048/471-911, 070/ 964-312, horizont1@mt.net.mk
Локација
Село Кривогаштани, југозападна Македонија
За Кривогаштани
Кривогаштани се наоѓа во западниот дел на прилепското поле, што е составен дел на најголемата македонска котлина Пелагонија, на 609 метри надморска височина. Општина Кривогаштани опфаќа територија од 56 квадратни километри на која живеат околу 6.300 жители. Населението има низок економски и социјален статус. Основен извор на егзистенција е одгледувањето земјоделски култури - градинарски производи, тутун и житни култури.
Како да дојдете до Кривогаштани?
Транспортните врски до општина Кривогаштани се одлични. Патувањето од Скопје до Кривогаштани трае околу 2 часа, со редовна автобуска врска Скопје - Кривогаштани - Крушево, два пати во денот, и од Прилеп на секој половина час, од каде до Кривогаштани се стигнува за 30 минути. До сите населени места во општина Кривогаштани (кои се во радиус од 10 км), од центарот на општината Кривогаштани, води асфалтен пат со редовни автобуски линии.
Каде да преноќите?
Посетителите можат да се сместат во блиските градови Прилеп или Крушево.
Локални специфики
Во Кривогашатни можете да ги посетите селските цркви Св. Димитрија и Св. Никола. Селото има специфична архитектура која датира од крајот на 19 и средината на 20 век. Куќите имаат големи дворови каде што се негува традицијата на одгледување тревници и цвеќиња. Скоро секоја куќа има сочувано богатство од различни етнолошки предмети: народни носии, ткаени ракотворби, предмети за покуќнина (вршник, ѓум, котле, карта), предмети за стопанството (кобел, бутин, јарем за обработка на земјата), а повеќе жители подарија дел од овие производи за Етномузејската збирка во основното училиште „Манчу Матак”, којашто содржи над 150 експонати. За некои празници сé уште се изведуваат традиционалните обичаи и обреди.
Во Кривогаштани може да се пробаат природните еколошки производи - сирење, млеко, овошје, зеленчук и традиционалните специјалитети како тури-потпечи, мазници, питулици итн. Во околината има неколку излетнички места со ливади, извори на минерална вода, многубројни извори и бунари со чиста вода.
Што можете да видите во околината?
Во близина на Кривогаштани се наоѓа историскиот град Крушево, оддалечен 11 км. Може да се посети и градот Прилеп каде што има голем број историски знаменитости. За посетителот се интересни селските цркви Св. Богородица во селото Бела Црква, црквата во село Воѓани, Св. Атанас во село Годивле, Св. Никола во село Крушеани и Св. Атанас во село Пашино Рувци. Во нив можат да се видат и наоди од хеленистичко време - мермерни плочи со натписи, стели со релјефи, делови од архитектонска пластика, остатоци од антички градби во дворовите, римски статуи и делови од нив, надгробни плочи со релјефи...
Во близина се наоѓаат населбите: од неолитско време - Врбјанска Чука, 2 километра источно од Славеј; од римско време - Петков Вир, 300 метри северозападно од село Боротино и Селеште Могилани, 1,5 километар североисточно од Пашино Рувци и населба од бронзено време, 1 километар северно од Боротино. Од големо археолошко и културно значење е античка Стибера - градска населба од еленистичко и римско време, се наоѓа во непосредна близина - неколку километри јужно од Пашино Рувци и Бела Црква, меѓу селата Чепигово и Тројкрсти. Остатоците од Стибера се наоѓаат на малата височинка Бедем, на површина од околу 13 хектари.
|