МУЛТИКУЛТУРНА ДОЛНА РЕКА

Опис на проектот
Луѓето од различна верска и етничка припадност, а особено младите од долнореканскиот крај се зближија преку запознавање на обичаите, традицијата и народните носии од овој крај. Тоа беше и целта на проектот „Народната носија и обичаи - вечни сведоци”. Беа организирани трибини во неколку села, а луѓето беа повикани да изготват бележник на настани и обичаи за коишто слушнале од своите предци. Следуваа изложби на народни носии, фотографии и цртежи на деца од трите етнички групи коишто живеат во регионот, на кои беа објаснети сличности и разлики на носиите, а сето тоа беше претставено преку рекламен материјал и брошура.


Контакт
Пејо Кировски, 042/489-284, 070/721-084, bituse_@hotmail.com
Адем Сулејмани, 042/478-839, 070/515-970, asart@mt.net.mk


Локација
Села Ростуше и Битуше, Долна Река, западна Македонија.


За Ростуше и Битуше
Ростуше е седиште на истоимената општина којашто опфаќа околу 40 села, меѓу кои и Битуше. Населението во овие села е со различна етничка и верска припадност – Македонци, православни и муслимани, и Албанци. Овој крај е познат по сожителството на различните култури. Луѓето се занимаваат со овчарство, земјоделство и други дејности, во зависност од природните планински услови.


Како да дојдете до Ростуше?
Од Скопје до Ростуше и Битуше (120 километри) може да се стигне со автомобил за околу 2,5 часа, или со автобус кој сообраќа неколку пати во денот (во 6,30; 10,00; 13,00; 14,15 часот). Секој работен ден, освен викенд, во 14,30 сообраѓа комбе од Скопје до Ростуше. Може да се дојде и од Охрид, преку патот кој води низ Струга и Дебар, со автомобил (80 км. за 1,5 час) или автобус кој сообраѓа од Струга до Дебар, од каде во 11,30 часот тргнува комбе до Ростуше.
Ако доаѓате со автомобил, по патот Скопје-Дебар треба да стасате до месноста Ростушки мост каде што има патоказ за Ростуше, а оттаму асфалтиран пат води до самото село. Битуше се наоѓа повисоко во планината, а до него се стасува по асфалтиран пат.


Каде да преноќите?
Најблиски места за сместување се хотелите во Маврови Анови каде што се нудат сите услови за ноќевање и храна, како и хотелот „Термал”, во непосредна близина на Косовраските Бањи, на чиешто мени се привилегирани специјалитети, автентични за регионот.


Локални специфики
Во Долнореканскиот крај можете да пробате специјалитети на македонската, албанската и турската кујна. Во овој крај е особено интересно во лето, кога се одржуваат масовни венчавки и крштевки, за време на престојот на луѓето од овие краишта коишто работат во странство. Тоа е можност да се видат народните обичаи, како и природата, особено водопадите што се слеваат од планината.


Што можете да видите во околината?
На патот помеѓу Маврови Анови и Дебар се наоѓа манастирот Св. Јован Крстител Бигорски од 18 век, значаен културно-историски споменик, познат по својот иконостас во длабока резба. Помеѓу Дебар и Ростушки мост се наоѓаат уште неколку културни знаменитости - манастирот Св. Ѓорѓија Победоносец (во месноста позната како Рајчица), познатите Дебарски и Косовраски Бањи, познати по сулфурните извори. Овој крај е богат со многу природни и културни знаменитости. Можат да се посетат Дебарското Езеро, планината Дешат со планинските езера, како и Маврово и Галичник.





Внесете го терминот што го барате и кликнете на "Пребарувај"

Go Macedonia
Metamorphosis
Mango Online
Skola za demokratija
NGO's Support Centers
NVO infocenter
Gragjanski svet
Eko Net
Website of Reka region
Blesok
FIOOM

FOSI Macedonia - all rights reserved