Опис на проектот
Старата зграда на улица Цар Самоил бр. 29 - споменик на културата во центарот на градот, е реставрирана и стана седиште на Младински културен центар. Младите од Битола можат да го посетат центарот за алтернативни уметности, културни манифестации, промоции, презентации. Во рамките на центарот работат: уметничка галерија, куклен театар, сала за модерен балет, концертна сала со пијано, а се организираат и различни курсеви.
Контакт
Здружение Младински културен центар, Битола,
Златко Талевски, 047/233-020, mkcbt@mt.net.mk
Локација
Битола, јужна Македонија
За Битола
Битола (надморска висина 660 м) се наога на крајниот југ на Македонија, во западниот дел на Пелагониска Рамнина, меѓу планините Баба и Ниџе, во непосредна близина на границата со Република Грција. Градот е регионален центар на поширокото подрачје од југозападна Македонија.
Како да дојдете до Битола?
Битола е оддалечена 178 километри од Скопје, со одлична патна поврзаност. Доколку се користи автобуски превоз, постојат линии на секој час, а железнички сообраќај два пати во текот на денот. Исто така има одлична поврзаност и со другите градови во Македонија, на пример со Охрид кој се наоѓа на одалеченост од 74 км.
Каде да преноќите?
Градот нуди повеќе можности за сместување. Дел од нив се хотелите „Молика”, „Битола”, „Епинал”, „Фонтана БЕ-НИ”, „Де Ниро”.
Локални специфики
Во Битола, посетете ги спомениците на културата: Соборната црква Св. Димитриј (1830), Безистенот (16-19 век), Саат-кулата (17 век), Старата битолска чаршија (19 век), Дебојот (17 век), Ајдар-кадината џамија (16 век). Прошетајте се по Широк-сокак, популарната пешачка улица со староградски куќи со обновени фасади. Тука можете да испиете кафе и навечер да го посматрате традиционалното корзо. Специјалитет што секако треба да се проба во Битола е традиционалната чкембе-чорба.
Што можете да видите во околината?
Во близина се наоѓаат повеќе излетнички места: Националниот парк „Пелистер” (највисок врв 2601 м), Баба Планина со своите природни убавини, меѓу кои познатиот бор молика и планинските езера, со извонредни скијачки терени и планинарски домови. Во непосредна близина на Битола се наоѓа археолошкиот локалитет Хераклеа Линкестис (4 век п.н.е. - 6 век н.е.), којшто, неизоставно, треба да се посети.
|