СТАРА СКОПСКА ЧАРШИЈА

Опис на проектот
Да се врати загубениот сјај на Старата скопска чаршија е целта на Форумот за ревитализација, во кој се вклучија занаетчии и стопанственици, уметници, институции, локалната самоуправа и Министерството за култура, јавните служби и сервиси. Донесена е програма за ревитализација на Чаршијата, а Форумот работи за враќањето на посетителите, преку повторно заживување на содржините, редот и еснафскиот живот којшто некогаш бил нејзиното главно обележје.


Контакт
Центар за современи уметности, Куршумли ан, ул. Ќурчиска,
Стара чаршија, Скопје
Калина Буневска-Исаковска, 02/3133-541, scca@scca.org.mk
www.staracarsija.org.mk


Локација
Стара чаршија, Скопје, северна Македонија.


За Старата скопска чаршија
Скопската чаршија настанала и се развивала на просторот од Камениот мост до Бит-пазар и од Калето до реката Серава. Уште во доцниот среден век овде се одвивала целокупната стопанска дејност на градот. Доаѓањето на османлиите значело продолжување и проширување на веќе востановената традиција. Во периодот од XVI - XVII век чаршијата го достигнал својот урбан и стопански зенит, развивајќи се во една од најголемите и најзначајни ориентални чаршии на Балканот.


Како да дојдете до Старата скопска чаршија?
Старата чаршија се наоѓа во централното подрачје на Скопје, на левиот брег на реката Вардар. Од централниот градски плоштад до неа се стигнува преку Камениот мост на реката Вардар, но има уште неколку влезови (од Скопското кале, Бит-пазар и други).


Каде да преноќите?
Во самата Стара чаршија, можете да преноќите во хотелот „Арка”. Вон границите на Чаршијата, можете да ги користите услугите на многубројните скопски хотели, мотели и други сместувачки капацитети.


Локални специфики
Чаршијата изобилува со културно-историски споменици: анови, амами, џамии, безистен. Некои од овие објекти се претворени во уметнички галерии, изложбени простори, музеи, а во дел од нив се сместени ресторани, продавници и други содржини. Во Чаршијата посетете го Музејот на Македонија, Музејот на Старата скопска чаршија, Националната уметничка галерија, а, секако, ѕирнете во дуќаните на занаетчиите кои сé уште работат на традиционален начин.
Во Старата скопска чаршија веднаш ќе го почувствувате мирисот на ќебапчињата – најпрепознатливиот локален специјалитет. Пробајте ги и останатите специјалитети на македонската кујна што се нудат во рестораните (гравче-тавче, турли-тава, разните салати од свеж зеленчук, пинџур…). Во слаткатрниците, секако, пробајте баклава, ореовки, тулумби, кадаиф, како и специфичниот локален пијалак – бозата.


Што можете да видите во околината?
Посетете го Музејот на современа уметност, на Скопското Кале, од каде што има одлична панорама на Скопје. На Калето се наоѓа Мустафа-пашината џамија - една од најубавите на Балканот и црквата Свети Спас - претворена во музеј, со прочуениот иконостас во длаборез, гробот на Гоце Делчев и музејот посветен на овој голем револуционер. Секако, можете да го посетите градот Скопје, со сите содржини кои што ги нуди, и блиските споменици: археолошкиот локалитет Скупи, манастирската црква Свети Пантелејмон во Нерези на Водно, кањонот Матка и други локалитети.






Внесете го терминот што го барате и кликнете на "Пребарувај"

Go Macedonia
Metamorphosis
Mango Online
Skola za demokratija
NGO's Support Centers
NVO infocenter
Gragjanski svet
Eko Net
Website of Reka region
Blesok
FIOOM

FOSI Macedonia - all rights reserved