 Опис на проектот
Преку Поречкиот панаѓур, инициран од жителите на Растеш во соработка со Македонско студентско етнолошко друштво, општината Самоков и Заводот за етнологија од Скопје, се зачувуваат и заживуваат традиционалните културни вредности, старите занаети и обичаи. Беа одржани работилници за традиционални вештини, во автентичен амбиент, во Самоков. На посетителите им се претставија карактеристичните природни и културни вредности на Порече: традиционалната музика, игри, храна и ракотворби. На панаѓурот изложуваа и занаетчии од други краеви на Македонија.
Контакт
Гојко Миновски, Месна заедница Растеш, 045/270-014
Вања Димитриевски, Македонско студентско етнолошко друштво 070/834-774, vanjad@unet.com.mk
www.iunona.pmf.ukim.edu.mk/ethnology/index.htm
Локација
Растеш, општина Самоков, западна Македонија
За Растеш
Растеш е дел од општина Самоков. Спаѓа во етничкиот предел Порече, кој се граничи на исток, преку планината Јакупица, со Велешко и Скопската Котлина, на север со Тетово и Гостивар, на запад со Кичево и на југ со Крушево и Прилеп. Тоа е типично планинско село, каде што основа на животот на населението било одгледувањето добиток (овци и кози). Сточарството оставило печат врз изгледот на населбите и пејзажот. Покрај сточарството, карактеристични дејности биле јагленарството, смоларството и преработка на метална руда на т.н. самокови. Порече е поврзано со новото вештачко езеро „Козјак”, преку кое ќе добие нов импулс за развој и можност за туристичко заживување. Во својата досегашна изолираност жителите успеале да зачуваат многу од традиционалните културни вредности, а заради неразвиената индустрија во овој предел е зачувана здравата природна околина. Тоа отвора можности за развој на културниот и еколошкиот туризам.
Како да дојдете до Растеш?
До Растеш се пристигнува преку Самоков. Постојат три патишта коишто водат од Скопје кон Самоков. Патот Скопје – Тетово – Гостивар - Кичево - Македонски Брод - Самоков е долг околу 160 км и засега е најкратката пристапна врска до Самоков. Патот Скопје – Велес – Прилеп - Самоков е долг околу 200 км и е во добра состојба. Локалната патна мрежа е во добра состојба. Речиси до секое село има уреден асфалтен пат.
Постои редовна автобуска врска што го поврзува Самоков со Скопје и попатните населби. Автобусот наутро во 4:00 часот поаѓа од Самоков за Скопје, а попладне во 16:30 поаѓа од Скопје за Самоков. Автобусите се со 18 седишта, а за поголеми групи може да се организира дополнителна линија (за информации и резервации: 070/335-414).
Каде да преноќите?
Угостителските капацитети на Порече за подолготраен временски престој се слаби. Постојат два мотела – „Сувенир” и „Пешна”. Мотелот „Сувенир” се наоѓа во селото Самоков, а мотелот „Пешна” е дваесетина километри оддалечен од Самоков.
Локални специфики
Голем дел од населението на Порече се занимава со собирачко стопанство. Се собираат печурки, мов, бобинки, смола, лековити билки. Од тоа најголемиот дел се продава, но еден дел се преработува пред да се продаде. Таков е случајот со смолата којашто се собира од боровите дрвја. Од неа се произведува карактеристична течност наречена нефт која се употребува како народен лек за лекување на реуматски заболувања, рани и слично. Од остатоците на боровите дрвја се произведува катран којшто, исто така, според народното уверување, има лековити својства. Смоларењето е најкарактеристично за жителите на селото Требовље.
Што можете да видите во околината?
Покарактеристични локалитети за Порече се: езерото „Козјак”, пештерата „Пешна”, месноста „Пеклиште”, изворите во селото Белица, „Девини Кули”, манастирот Св. Богородица Пречиста во близина на селото Манастирец, воденицата и старата валавица во селото Белица.
Новоизграденото вештачко езеро „Козјак” на реката Треска, е најголема вештачка акумулација во Македонија. Околу езерото веќе почнаа да се предат народни приказни – поврзани со изградбата, со рибата која не сака да се врати во реката туку веднаш се адаптира на новите услови итн.
Пеклиште се наоѓа во северниот дел на Порече, над селата Растеш, Битово и Заград. Локалните жители мислат дека од сите природните убавини Пеклиште има најголема вредност.
Пештерата „Пешна” се наоѓа во близина на мотелот „Пешна”, на патот помеѓу Македонски Брод и Самоков. Постои верување дека Пешна е една од сестрите на Крале Марко. Таа живеела во пештерата и оттаму можела да се гледа со својата сестра Дева, другата сестра на Крале Марко, којашто живеела во тврдината „Девини кули”, во непосредна близина на Пешна.
Селото Белица честопати е вклучено во планинарските тури. Извонредно убавите извори, воденицата, валавицата и рибниците ги привлекуваат посетителите во ова село.
 |