МИРОТ И БЛАЖЕНАТА УБАВИНА НА ПРЕСПА

Опис на проектот
Со голем напор локалните луѓе ги расчистија и уредија плажата во Стење и патеката до црквата Свети Илија. Патеката беше обележена, а во селото се поставија информативни табли коишто упатуваат на културното и природното наследство на Стење и неговата околина.
Проектот „Стење – природна и културна ризница на бреговите на трилатералното Преспанско Eзеро” има цел да oрганизира активностити поврзани со развој на туризмот, заштита на културното и природното наследство и да ги поддржи економските активности.


Контакт
Месна заедница Стење Кицо Ужановски, 070/533-401
Светлана Лазаревска, 070/772-276, toni_krstanovski@yahoo.com
Национален парк “Галичица”, Андон Бојаџи, 070/249-161 andon@galicica.org.mk


Локација
Стење, Преспа, југозападна Македонија


За Стење
Селото Стење се наоѓа на западниот брег на Преспанското Езеро, сместено на западните песочни плажи на Преспанското езеро, во подножјето на планината Галичица. Тоа е претпоследно село од нашата страна, а воедно и последно село до меѓународниот граничен премин Стење со Република Албанија. Стење е дел од општина Ресен. Во него живеат 399 постојани жители во 98 домаќинства.
Стење е богато со природни и културно-историски места. Во самото село се наоѓаат црквите Св. Кирил и Методиј (1911 г.), која се наоѓа во центарот и Св. Атанас (16 в.), на крајот од селото. Плажата во Стење е посебна геолошка реткост – таа се состои од ситен кварцен песок, остаток од глацијалниот период.


Како да дојдете до Стење?
За да го посетите Стење, можете да ја искористите директната автобуска линија Скопје – Велес – Прилеп – Битола – Ресен – Стење, која оди секојдневно и во обратен правец . Од Ресен до Стење постојат локални автобуски линии во 06.20, 10.20, 12.20 и 14.20 часот.
Од Скопје, со автомобил, се доаѓа преку автопатот Скопје - Гевгелија, од којшто треба да се сврти на излезот за Прилеп, а потоа по магистралниот пат да се помине покрај Прилеп, Битола и Ресен, до Стење.


Каде да преноќите?
Во Стење може да користите приватно сместување. Во селото има 50 куќи коишто издаваат соби (вкупно 300 легла). Храната е во сопствена режија. Селото располага со еден ресторан, а уште еден е во изградба и оваа сезона ќе почне со работа.


Локални специфики
Кога ќе се најдете во Стење, штета ќе биде да не пробате специјалитет од познатите преспански риби – крап и сушена белвица-циронка. Љубителите на риболовот можат и самите да уживаат во спортскиот риболов долж брегот на Езерото во Стење или, пак, да ги посматраат вештите локални рибари.


Што можете да видите во околината?
За оние коишто сакаат да уживаат во пешачење низ природата, Стење пружа прекрасна можност за такви прошетки – покрај езерото до прекрасниот залив Лиса и селото Коњско, по планинските патеки низ Галичица, по кои можете да стигнете до превојот Пресека, од каде како на дланка се гледаат двете езера (Охридското и Преспанското). На планината ќе имате можност да собирате цвеќиња и лековити билки и чаеви.
Во близина на Стење се наоѓа и надалеку познатиот остров Голем Град до кој можат со чамец да ве прошетаат локалните жители од Стење. Но, сите посети на самиот остров треба да се договорат со Националниот парк “Галичица”. Од културно-историските споменици ви препорачуваме да ги посетите манастирската црква Св. Илија (1921 г.), во заливот Лиса, црквата Св. Петар (19 в.), на островот Голем Град и пештерската црква Св. Петка (19 в.).
Можете да го посетите и градот Ресен и околните села, коишто исто така имаат богата културна понуда. Ви препорачуваме, бездруго, да го посетите рибарското селце Коњско со специфичните стари куќи плетени од фоја, како и приватниот етнолошки музеј во селото Подмочани.





Внесете го терминот што го барате и кликнете на "Пребарувај"

Go Macedonia
Metamorphosis
Mango Online
Skola za demokratija
NGO's Support Centers
NVO infocenter
Gragjanski svet
Eko Net
Website of Reka region
Blesok
FIOOM

FOSI Macedonia - all rights reserved