Опис на проектот
Младите од Лешок имаа потреба од место за собирање и креативно дружење, за поврзување со другите култури и за зближување со своите врсници Албанци, Турци и други националности од соседните села. Идејата за проектот “Младите и преданијата од Лешок и соседните села” беше поздравена од месната заедница, активот на жените, активот на пензионерите и одбојкарскиот клуб од Лешок, како и од здружението “Лешок” од Скопје. Месната заедница отстапи дел од своите простории за формирање Младински креативен центар, каде младите од различно етничко потекло ќе се дружат и ќе се запознаат со меѓусебното културно наследство и традиција. Ќе се истражи и публикува наследството на Лешок, претставено преку преданијата (легенди, поговорки, обичаи, народни јадења, приказни, народни песни и други), како и материјалната култура (стари носии, книги, документи, фотографии).


Контакт
Никола Божиновски, претседател на Месна заедница Лешок
Село Лешок, општина Теарце
Тел. 044/ 383-005 (МЗ Лешок) 044/ 383-182 (дома)
lesok@mt.net.mk
www.lesok.org.mk

Ивица Поповски, Актив на млади од МЗ Лешок
Тел. 044/ 383-005 (МЗ Лешок); 044/ 381-867 (дома); 075/ 534-579 (мобилен)

Младен Мисајловски, Здружение “Лешок”
ул. Васил Ѓоргов 2а, Скопје
Тел/факс: 02/ 3110-377; 02/ 3037-068 (дома)
lesok@mt.net.mk
www.lesok.org.mk


Локација
село Лешок, општина Теарце, Тетовско, северозападна Македонија


За Лешок
Селото Лешок се наоѓа во Полошката котлина, северно од Тетово. Лоцирано е во подножјето на Шар Планина, на надморска височина од 450-550 метри.
Лешок се споменува на почетокот на средниот век како градска населба под името Леген Град. За него сведочат археолошките остатоци, од кои најпознато е Лешочкото Кале.
Љубителите на спортот го имаат на располагање Спортско-рекреативниот центар со игралиште за одбојка, ракомет, кошарка и мал фудбал и катче за забава на децата до десет годишна возраст.
Во околината на Лешок има прекрасна природа, со бујна вегетација, пространи шуми од костен, даб, бука, лешник, орев, багрем и други видови. Реките Лешочка и Бистрица, се богати со речна пастрмка.
Во Лешок се наоѓа еден од најпознатите манастири - Лешочки манастир кој бил духовен и образовен центар на Полог, со три цркви: најпозната е Света Богородица (18 век обновена од големиот просветител Кирил Пејчиновиќ), Свети Атанасиј, изградена во трисетите години на 20 век и Свети Кирил и Методиј која се наоѓа во конакот на манастирот. Можат да се видат и остатоци од разурнати цркви.


Како да дојдете до Лешок?
Од Тетово Лешок е оддалечен осум, а од Скопје 50 километри. До Лешок можете да дојдете со автомобил или со редовна автобуска линија од Тетово.


Каде да преноќите?
Во Лешок е посебно доживување ноќевањето во манастирскиот конак, каде се на располагање 10 соби со околу 30 кревети. Може да се ноќева ив о блиското село Варвара во угостителскиот објект кој располага со четири трокреветни соби. Ова село е три километри оддалечено од Лешок, на падините на Шара, од каде има прекрасен поглед на Полог и селата. До него води асфалтиран пат.


Локални специфики
Во Лешок и околните села има голема традиција на готвење – пробајте ги локалните колбаси, шарска плескавица, лешочко тавче-гравче, комат, тури-потпечи, сеченца и другите специјалитети. За аперитив можете да порачате домашна ракија, произведена од лешочани или од погонот за ракија на Злате Ристовски, кој се наоѓа во селото, а со јадењето испробајте ги квалитетни вина, произведени од лешочките лозја.


Што можете да видите во околината?
Недалеку од Лешочкиот манастирот, на падините на Шар планина, се наоѓа црквата Свети Атанасиј, изградена во 1331 година, врз темели на друга црква. Оваа црква била повеќе пати разурнувана, а последен пат обновена во триесеттите години на дваесеттиот век. Непосредно над манастирот се наоѓа Лешочко Кале, за кое постојат повеќе преданија што усно се пренесувале од колено на колено, но, не се запишани.
Во Лешочкиот манастир живеел и творел еден од најпознатите македонски преродбеници и просветители, Кирил Пејчиновиќ. Неговиот гроб се наоѓа во манастирскиот комплекс, непосредно до црквата Свети Атанасиј, а неговиот познат епитаф во неговата спомен соба во манастирскиот конак.
На патот за село Варвара се наоѓа Марков камен – осамена карпа во јајцевидна форма, висока над три метри, за која постојат неколку легенди.
Во Тетово секако посетете ги црквите: Свети Кирил и Методиј, Свети Никола и Света Петка, теќето Арабати Баба како и познатата Шарена џамија. Непосредно над Тетово се издигнува Тетовско Кале а преку Тетово се оди за познатиот зимски рекреативен центар Попова Шапка.
На само два километри од Лешок, на патот кон Тетово, во селото Џепчиште се наоѓа најмалиот етнолошки музеј на светот. Не пропуштете да го постите!

 





Внесете го терминот што го барате и кликнете на "Пребарувај"

Go Macedonia
Metamorphosis
Mango Online
Skola za demokratija
NGO's Support Centers
NVO infocenter
Gragjanski svet
Eko Net
Website of Reka region
Blesok
FIOOM

FOSI Macedonia - all rights reserved