Опис на проектот
Жителите од Топуско маало и еколошкото друштво “Планетум” од Струмица го вратија стариот сјај на Момин Бунар. Тој е повторно место околу кое се собираат старите и младите, а истовремено и водоснабдителен објект. Преку проектот “Момин бунар” е реконструирано платото на бунарот како и самиот бунар, над кој е поставена настрешница. Околината е осветлена, а во близина на бунарот е поставена информативна табла. Момин бунар е повторно ресурс од културно-историско значење кој ги обнови традиционалните вредности и навики на месното население.


Контакт
Славчо Георгиев, Еколошко друштво „Планетум”
ул. “22 Декември” бб, Струмица
тел: 034/331-416, planetum@mt.net.mk, www.planetum.org.mk .


Локација
Топуско маало, Струмица, југоисточна Македонија


За Топуско маало и Момин бунар
Топуско маало лежи во срцето на стариот дел на Струмица. Тоа е типично староградско маало, со збиени куќи, тесни улички и зачуван комшиски менталитет. Момин бунар се наоѓа среде Топуско маало, на подножјето на ридот Еленица и поранешниот главен пат, кој некогаш водел до Солун, а денес до локалитетите Чам-Чифлик, Цареви Кули и манастирот Св. Илија. Водата во бунарот се слива од две сливни подрачја, едното од нив познато кај народот како Чука.


Како да дојдете до Топуско маало?
Од Скопје до Струмица може да дојдете со автомобил или со автобус кој сообраќа секој час по патот Скопје-Велес-Штип-Радовиш-Струмица. Секојдневно има и автобуски линии од поблиските градови. Во лето може да се користи и автобуската линија Струга-Охрид-Струмица. Топуско маало се наоѓа на ридот, во близина на центарот на Струмица.


Каде да преноќите?
Во Струмица може да се преноќи во хотелите “Сириус” и “Илинден”, како и во мотелите “Терминал Траншпед” и “Македонска куќа”.


Локални специфики
Струмица е надалеку позната по Струмичкиот карневал кој потекнува уште од паганско време. Карневалот му дава белег на градот и е значаен дел на неговата културна традиција. Струмица е град што ја негува културата преку повеќе манифестации, како Фестивалот на камерен театар “Ристо Шишков” и Меѓународната ликовна колонија. Во овој регион се негува традицијата на одгледување градинарски култури – познати се струмичката пиперка, домат и краставица. Во локалните ресторани се нуди вкусна салата од овие култури придружена од аперитивот “струмичка мастика”. Не пропуштајте да ги вкусите познатиот “струмички ајвар”, како и слатката од смокви, дуњи и други видови овошје.


 Sv. IlijaШто можете да видите во околината?
Во близина на Струмица се наоѓаат манастирите од 10 век, “Св. Богородица” во Вељуса и “Св. Леонтиј” во Водоча. Во градот може да ги видите археолошките ископини кај црквата Св. Петнаесет Тивериополски маченици и во месноста Орта Џамија. Над градот на планината Еленица се наоѓаат Царевите кули кои се градени во 6 век и манастирот Св. Илија од 14 век. Во близина на градот на одалеченост од 15-20 километри се наоѓа термалната бања Бања Банско со остатоци од римски терми, како и прекрасните Смоларски и Колешински водопади, кои се наоѓаат во пазувите на планината Беласица. Во близина е селото Мокрино, со чудесните извори, и селото Моноспитово со глацијалниот реликт – моноспитовското блато. Околу три километри од градот, десно од патот Струмица–Вељуса се наоѓа гробот на Струма, легендарната сестра на Марко Крале, по која градот го добил името.


 





Внесете го терминот што го барате и кликнете на "Пребарувај"

Go Macedonia
Metamorphosis
Mango Online
Skola za demokratija
NGO's Support Centers
NVO infocenter
Gragjanski svet
Eko Net
Website of Reka region
Blesok
FIOOM

FOSI Macedonia - all rights reserved