|
Опис на проектот
Жителите на Лесново, манастирот “Св. Гаврил Лесновски” и здружението “Злетовица” од Пробиштип, со заедничка акција ќе го уредат просторот во близина на манастирот, каде традиционално се собираат и дружат селаните и посетителите, особено за време на верските празници. Таканаречениот локалитет “Борја” ќе се облагороди со трева, цвеќе, клупи, информативна табла, кошници и друга инфраструктура, и ќе биде достојно собиралиште од каде има извонреден поглед на селото, манастирот и драматичната околина, во која доминираат интересните карпи.
Проектот “Културно-историските споменици и традицијата на манастирот Св. Гаврил Лесновски и селото Лесново” ќе опфати и изработка на брошура со која ќе се афирмира културното и природното наследство на селото Лесново. На крајот од проектот, во пресрет на верскиот празник “Мала Богородица”, кој привлекува многу посетители (20 септември), ќе се организира прослава и промоција на резултатите на проектот.
Локација
Село Лесново, општина Пробиштип, источна Македонија
Контакт
Властимир Михајловски
Месна заедница Лесново
Тел. 032/483-256; 070/512-433
Александар Михајловски
Еколошко друштво “Злетовица”
ул. “Јордан Стојанов” 47, Пробиштип
Тел. 032/483-256; mihace@yahoo.com
 За Лесново
Селото Лесново се наоѓа во близината на Пробиштип, на надморска висна од 900-1000 метри. Во селото се наоѓа манастирот “Св. Гаврил Лесновски” изграден во 1347 година од деспот Оливер Први. Манастирот е значаен по својата препишувачка школа и иконостасот во длабока резба од 1811 година, дело на мијачките мајстори. Манастирот е средиште на христијанската вера во овој дел на земјата и е мошне посетуван за време на литургиите и верските празници.
Како да дојдете до Лесново
Селото Лесново е 17 километри оддалечено од Пробиштип. До него води асфалитиран пат. Од Скопје може да се пристигне преку патните правци Скопје-Куманово-Кратово-Пробиштип-Злетово и Скопје-Велес-Штип- Злетово. Постои редовна автобуска линија од Пробиштип. Со воз може да се дојде до станицата Ванчо Прке, од каде треба да се продолжи со автомобил и автобус до Лесново, преку Злетово.
Каде да преноќите?
По претходен договор со игуменот на манастирот, може да се преноќи во манастриските конаци. Друга можност е да се преспие во приватна куќа, за што треба да се контактира со месната заедница. Во Пробиштип се нуди престој во хотелите “Црешово топче” и “Сан Нико” и во мотелот “Бриони”.
 Локални специфики
Селото има автентична архитектура и крие големо богатство на мошне стари етнолошките премети. Недопрената природа изобилува со дрвја на сливи и смокви (кои се произведуваат исклучиво по органски пат, без употреба на хемиски средства). Од нив се прави мошне вкусно слатко и мармелад. Скоро во секоја куќа во селото се подготвува млеко или матеница (јогурт добиен во домашни услови), како и локалните специјалитети - познатото лесновско печено јагне или коза (со кои се гоштевал дури и султанот за време на османлиското владеење, како и лесновската ракија и локалната баница (пита). Селото е познато и по традицијата на изработка на воденички камења кои поради мајсторската изработка и квалитет се купувале во Солун и Истамбул. Околината на Лесново е извонредно интересна – во пејсажот доминираат карпи “извајани” од природата, меѓу кои е највпечатлива карпата наречена “Богородица со дете”.
Што можете да видите во околината?
Прошетката низ околните шуми и падини нуди различни доживувања – во близина на селото се наоѓаат дури 25 помали цркви - некои од нив се вгнездени во многубројните пештери издлабени во карпестата подлога. Пештерските цркви се мошне интересни - со нацртани икони на самите ѕидови кои имаат посебен автетничен израз. Секако погледнете го и природното ремек-дело - лесновскиот кратер и остатоците од изработката на воденички камења. Од карпите се простира убавата глетка на широката околина со Пробиштип и Злетово, а кога е појасно време (во летниот период) може да се види и Штип и Овче Поле.
|