Опис на проектот
Ковачите од Берово се уште своите производи ги изработуваат рачно. Тие посакаа да го модернизираат производството и да го пренесат занаетот на помладите. Во соработка со здружението “Романела” од Берово, стапија во контакт со уметницата Славица Јанешлиева по чиј нацрт изработуваат неколку типови производи од ковано железо, со уметничка и истовремено со употребна вредност. Постарите ковачи ќе ги обучат помладите, со цел да се пренесе знаењето и вештината за овој древен занает. Своите производи и својата традиционална вештина тие ќе ја претстават на продажни изложби во Берово и во Скопје, а ќе изготват и каталог на своите изработки од ковано железо.
Локација
Берово, источна Македонија
Контакт
Зружение на граѓани “Романела”, Берово
Азира Кундевска
тел: 033/471-592, 033/472-713
romanelaberovo@yahoo.com
За Берово
Берово се наоѓа во источниот дел на Република Македонија, во областа Малеш. Тоа е еден од највисоките градови во Македонија. Проектот се одвива во ромската населба во Берово, каде се наоѓаат стари ковачки работилници. Населението од ова беровско маало од дамнина се занимавало со ковачкиот занает.
Како да дојдете до Берово:
Берово е оддалечено 178 километри од Скопје. До градот води магистралата Скопје-Велес-Штип-Кочани-Виница-Берово, а има и редовна автобуска линија од Скопје и останатите градови.
Каде да преноќите?
Може да преноќите во хотелот “Манастир”, кој се наоѓа во близина на манастирот “Св. Архангел Михаил”, недалеку од градскиот центар. Исто така, сместување се нуди во мотелот лоциран во прекрасниот амбиент на Беровското Езеро, седум километри оддалечено од градот.
Локални специфики (обичаи, традиции, локална храна)
Чистата околина и околните планини со бујни шуми овозможуваат поволни услови за развој на поледелството и сточарството. Од земјоделските производи од Малешевијата најпознат е малешевскиот компир, додека сточарите се надалеку познати мајстори на малешевското сирење. Исто така, и одгледувачите на сливи можат да се гордеат со традициониот, надалеку познат плод, од кој се приготвува квалитетна малешевска ракија. Секако, додека сте во Берово, не пропуштајте да ја пробате познатата беровска чорба и пастрмајлија. Овој крај е познат по своите борови шуми, а локалното население приготвува таканаречен “боров мед” – сируп од младите борови шишарки, кој се користи при настинки и заболувања на дишните органи, но е многу вкусен и како прелив за палачинки и додаток на други “слатки” производи.
Од обичаите, најпознати се славењето на беровската Мала Богородица - традиционален курбан, кој се слави на 28 август секоја година и празникот Бамбурци, кој претставува традиционален маскенбал. Во Берово егзистираат повеќе стари занаети, но тие се на прагот на изумирање. Најпознати се ткајачкиот, ковачкиот, вретенарскиот, кошарскиот (плетење кошници), копаничарскиот и столарскиот.
Што можете да видите во околината?
Во близина на Берово се наоѓаат црквата “Св. Богородица” и еден од најстарите манастири во Република Македонија “Св. Архангел Михаил”, кој денеска претставува и градски музеј. Во него можат да се видат историски предмети кои биле во сопственост на војводата Дедо Иљо Малешевски и Димитар Поп Георгиев Беровски. За посетителите, особено атрактивна е посетата на езерото “Младост”, со прекрасната околна природа во која доминираат боровите шуми.
|