Опис на проектот
Младите од Ростуше сакаат да го популаризираат и направат достапно планинското езеро Локув на планината Дешат. Во околината на ова ледничко езеро, реликт од глацијалната доба, ќе се постават патокази, дрвени маси и клупи и ќе се трасира пешачка патека. Преку проектот “Уредување на туристичко рекреативен центар - Ледничко езеро Локув на планината Дешат” членовите на Младинскиот еколошки центар “Рекански Бисер” од Ростуше и здружението на жени “Радика” од Скопје ќе подготват пропаганден материјал, а на крајот, жителите на Ростуше, Требиште, Велебрдо, Битуше и околните села ќе ги повикаат граѓаните од Македонија на завршна манифестација на која ќе го претстават “планинското око” - езерото, другите природни вредности, но и сопственото културно наследство: народните игри и песни, локалните специјалитети и рачнитер изработки.


Локација
Планина Дешат, општина Ростуше, Западна Македонија


Контакт:
Хамлет Ахмети
Младински еколошки центар “Рекански Бисер”,
Село Ростуше 1254
Тел. 042/470-170; 070/241-806
rostuse@mladi.gov.mk

Рејхан Дурмиши
Месна заедница Велебрдо
Тел. 070/241-806

Анчица Калкова
Организација на жени “Радика”, Скопје
Тел. 070/986-991
ozradika@mt.net.mk


За езерото Локув и планината Дешат
Езерото Локув е едно од ледничките езера на планината Дешат. Се наоѓа на надморска височина од 1000 метри и е најниско ледничко езеро во Република Македонија. Убавините и природните вредности на планината Дешат, во регионот Долна Река, се еден од потенцијалите за развој на селскиот, планинскиот и алтернативниот туризам, заедно со многубројните културни и традиционални вредности и специфики. Регионот изобилува со бујна вегетација и прекрасни природни пејзажи. Во непосредна близина на езерото се наоѓаат три бачила во кои се произведува високо квалитетно сирење како и други млечни производи.


Како да дојдете до Ростуше
Општина Ростуше со истоимениот центар се наоѓа во западниот дел на Република Македонија, околу 120 километри оддалечена од Скопје. До тука може да се стаса преку магистралниот пат Скопје-Тетово-Гостивар и регионалниот пат Маврово-Ростуше, со автомобил, или пак со редовна автобуска линија или приватен превоз на локални превозници од регионот. Целата територија на општина Ростуше припаѓа на националниот парк Маврово.


Каде да преноќите?
Регионот изобилува со хотелско и приватно сместување, посебно во мавровскиот дел, а реканскиот регион нуди можност и за сместување на гости во новиот комплекс на манастирот “Св. Јован Бигорски”, како и во приватни куќи.


Локални специфики
Општина Ростуше ги нуди убавината и богатството на мултинационална и мултикултурна традиција. Населението од различните етноси и вери ги негува своите традиции и обичаи што го прави овој регион посебно привлечен и интересен за гостите. Специфични за реканскиот крај се празнувањата на Рамазан и Курбан Бајрам кај муслиманското население, Водици и Велигден кај православните христијани. Река е позната и по специфичните свадби, сунети и обичаите околу нив, а посебно свадбарските јадења кои наедно се дел и од богатата реканска традиционална кујна (бајрамско месо, пченкана пита, мазница, рекански качамак, баклава, аландити-валангии, реканско млеко, сирење и кашкавал…).


Што можете да видите во околината?
Прошетајте покрај прекрасната река Радика и нагостете се со надалеку познатата радичка пастрмка. Видете ги водопадите Дув, езерото Локув, Галичник и убавите мијачки села, планините Бистра, Дешат и прекрасните планински куќички. Бидете гости на убавите традиционални свадби во летниот период. Сето тоа, како и еколошки чистата храна, вода и воздух, терените за спортување, планинарски излети, посетите на пештерата Алилица и други, манастирот “Св. Јован Бигорски” и многу други доживувања се нудат во овој крај. Во регионот можат да се сретнат и голем број диви животни, меѓу кои дивокози и срни, рисови, лисици, мечки и други видови.

 





Внесете го терминот што го барате и кликнете на "Пребарувај"

Go Macedonia
Metamorphosis
Mango Online
Skola za demokratija
NGO's Support Centers
NVO infocenter
Gragjanski svet
Eko Net
Website of Reka region
Blesok
FIOOM

FOSI Macedonia - all rights reserved