Опис на проектот
Јуруците од општина Карбинци (Штипско) ќе го претстават раскошниот свет на бои, орнаменти, вез во срма и свила, својата специфична музика, инструменти и игри. Оваа турска етничка заедница која живее во руралните краишта на плачковичкиот и лакавичкиот регион, своето раскошно наследство ќе го претстави преку брошура, каталог и изложба во Скопје, во рамките на проектот “И ова е Јурукана” што го спроведува здружението ЕМ од Штип, во соработка со етнологот Елизабета Конеска.
Контакт:
Здружение “ЕМ” - Штип
Јонус Али
ул. “Сремски Фронт бр. 6/6, 2000 Штип
Тел. 032/ 387 351; 070/ 612 333
emstip2002@yahoo.com
 Локација
Карбинци, плачковички и лакавички регион, источна Македонија
За Јуруците од плачковички и лакавички регион
Јуручките села на територијата на општина Карбинци се сместени на планината Плачковица. Во нив се негува традиционалната јуручка култура, која е мошне специфична и за жал, малку позната кај нас. Во јуручките села од овој регион е задржан традиционалниот патријархален начин на живот. Облеката, главно на помладите жени и девојчиња, е мошне живописна, со живи бои и весели шари, по што се лесно препознатливи.
Како да дојдете до Карбинци и другите села
Селото Карбинци е седиште на истоимената општина. Се наоѓа на 15 километри оддалеченост од Штип. До него можете да дојдете со автомобил преку Штип по патот кон планината Плачковица. До Штип од Скопје има редовна автобуска линија, а оттаму еднаш неделно функционира градски превоз до Карбинци. Селата Кучица, Шашаварлија, Лакавица и Прналија се 19 км, а Селце и Драгоево околу 15 км оддалечни од Штип и до нив се доаѓа по локалниот пат кон Карбинции. До Селце можете да користите и локален автобуски превоз од Штип, но тој транзитира само еднаш неделно.
 Каде да преноќите?
Ако сакате да ги посетите јуручките села на планината Плачковица, можете да отседнете во Штип во хотелите “Оаза” и “Гарни” или пак хотелот “Изгрев” во населбата Пребек. Можно е да се сместите и во Планинарскиот дом “Вртешка”, кој се наоѓа на планината, а е во надлежност на Планинарското Друштво “Лисец” од Штип.
Локални специфики
Овој регион е многу живописен во однос на традиционалните носии и обичаи - населението е турско, така што сета традиција и култура го носи ова обележје. Особена е спецификата на турскиот дијалект кој оваа заедница го користи за комуникација. Во селата можете да ги пробате традиционалните јадења, како: повеќе видови алва, маџун, кус-кус. Едно од главните занимања на населението е сточарството, па тука се произведува мошне вкусно сирење, млеко и млечни производи.
Што можете да видите во околината?
Посетете ги околните јуручки села, каде можете да се запознаете со традиционалната архитектура, носијата и начинот на живот на оваа етничка група. Во близина се наоѓа градот Штип, каде вреди да се посети тврдината Исар, од која има извонреден поглед на целата околина и долината на реката Брегалница. Погледнете ги двете галерии на икони – во црквата Св. Никола во центарот на градот и Св. Богородина во блиското Ново Село. Во близина на Штип се наоѓаат остатоци од античкиот град Баргала.
|