Опис на проектот
Руинираните простории во Домот на култура “Наум Наумовски Борче” во Крушево, во кои некогаш работеше кино, се обновени “од корен”. Овие простории, кои досега не се користеа, преку проектот “Изложбен салон и продавница за ракотворби” добија целосна пренамена – претворени се во прекрасен галериски простор и во сувенирница. Во новата галерија, крушевчани и туристите ќе можат да ја посетат изложбата на дела од ликовните колонии “Крушево 1998-2004”, но и различни други културни настани: концерти, промоции и слично. Сувенирницата, која е првата (по подолго време) и засега единствената во Крушево, нуди ракотворби и занаетчиски предмети, изработени од крушевските мајстори, но и од цела Македонија.


Контакт
Никола Јовановски, Дом на култура “Наум Наумовски Борче”, Крушево
Тел. 045/477-101, 075/653-889, profnikola@yahoo.com


Локација
Крушево, југозападна Македонија


За Крушево
Крушево е познато како највисока градска населба на Балканот, седиште на првата република на Балканот. Тоа е симбол на борбата за слобода на македонскиот народ и центар на Илинденското востание од 1903-та година, за ослободување од турската власт. Во градот на многу места ќе се сретнете со традицијата: Музејот–ковачница на куршуми од илинденскиот период, меморијалниот споменик Македониум, Историскиот музеј, Музејот на уметникот од светски глас Никола Мартиноски, Галеријата на икони во црквата “Св. Јован” и други места што можат да се посетат, а за кои можете да се информирате во локалното туристичко биро. Во летниот период, за посетителите се атрактивни прошетките по познатата крушевска корија, а во зима – терените за скијање. Исто така, во зима има одлични услови за нордиско скијање. Крушево е извонредно место за парглајдерството и е омилен центар на љубителите на овој спорт.


Како да дојдете до Крушево?
До Крушево може да се дојде со автомобил, или со автобус кој сообраќа од Скопје секој ден во 16 часот. Од Прилеп, автобуска линија има секој час, а од Битола, секои два часа.


Каде да преноќите?
Во Крушево, сместување се нуди во хотелите „Монтана” и „Панорама”, како и во повеќе приватни куќи. Во близина се наоѓа и детското одморалиште „Шула Мина”. Информации можат да се добијат во крушевското туристичко биро, на телефон 048/476-442


Локални специфики
Една од најпрепознатливите крушевски специфики, секако е самиот изглед на градот – тесните улички поплочени со камен и калдрма, и специфичната архитектура во која превладува каменот, дрвото и „крушевско сината” боја на фасадите. Не пропуштајте ја можноста да вкусите крушевска пита, комитски ќебап, познатите крушевски колбаси и други специјалитети. Во веќе легендарната слаткарница „Балкан” купете традиционални слатки – целувки и познатиот крушевски локум. Неколку лица во Крушево произведуваат квалитетен мед, а речиси во секоја куќа се приготвуваат традиционални слатка од различен вид, сок од бозел собран на околните падини и други домашни специјалитети. Во Крушево с уште работат неколку занаетчии – кондураџии, бочвар, дрводелец, неколку златари, калајџија, чии производи можете да ги побарате и да ги понесете како сувенир.


Што можете да видите во околината?
Во околината на Крушево се наоѓаат неколку манастири и цркви, од кои ги препорачуваме „Св. Преображение”, „Св. Спас” и „Св. Василија”. Во непосредна близина на градот е вештачкото езеро, каде може да се капе во лето и да се лови риба. Блиску до езерото е меморијалниот споменик „Македониум” и Историскиот музеј, како и прекрасна шума во која може да се направи прошетка или пикник. Секако, во околината на Крушево треба да се посетат спомен-местата Мечкин Камен, Слива и Кале, кои покрај големата историска вредност, имаат и природно и културно значење. Секаде наоколу ќе се сретнете со бујна, нечепната природа, а на одредени места можат да се видат бачила и диви коњи.





Внесете го терминот што го барате и кликнете на "Пребарувај"

Go Macedonia
Metamorphosis
Mango Online
Skola za demokratija
NGO's Support Centers
NVO infocenter
Gragjanski svet
Eko Net
Website of Reka region
Blesok
FIOOM

FOSI Macedonia - all rights reserved