Опис на проектот
Замислете си речиси нестварен простор: група столетни чинари со стари, дебели корења кои избиле на површината, а од нив извира вода, чиј жубор е единственото нарушување на мирот и тишината – тоа се чудесните мокрински извори. Жителите на блиското село Мокрино традиционално се собираат и ги празнуваат локалните празници покрај изворите, во одамна изградениот објект. Со проектот „Моринските извори за навек”, објектот и приодот до изворите се облагородија со природни материјали. Со цел да се афирмираат изворите и нивната околина, локалните жители и еколошкото друштво “Извор” од Ново Село изготвија лифлет.


Контакт
Марјан Павлов, Месна заедница Мокрино 070/541-716
Боро Зекиров, еколошко друштво “Извор”, Ново Село, 070/310-302, tmk_zakirski@yahoo.com


Локација
Мокрино, Струмичко, југоисточна Македонија


За Мокрино и изворите
Мокринските извори се наоѓаат на падините на планината Беласица, на надморска височина од 300 метри, во близина на селото Мокрино. Тие се меѓу најсилните извори на оваа планина, со капацитет од околу 100 литри во секунда. Мошне е интересен нивниот спој со дрвјата – столетните себла на чинарите (јавори) од чии корења извира вода. Селото Мокрино своето име го добило по многубројните околни извори (името асоцира на „мокро место”). Жителите традиционално организираатпикници и прослави под сенката на јаворите кај Мокринските извори, секој Илинден, принесувајќи курбан и организирајќи традиционална веселба.


Како да дојдете до Мокрино?
Мокринските извори се наоѓаат на средина од патот што води од Смоларе кон Колешино. До нив се стасува од Струмица, преку Банско и Ново Село. До нив води асфалтиран пат и се лесно достапни со автомобил. Од Струмица има и автобуски превоз до Мокрино, а можете да побарате и превоз со комбуња од Струмица, Банско или Ново Село, кои сообраќаат до Мокрино и другите села неколкупати на ден.


Каде да преноќите?
Најблиското хотелско сместување е во Банско, каде има три хотели. Можете да се сместите и во некој од струмичките хотели, но можете да се сместите во некоја од локалните куѓив о селото, или пак во блиските Смоларе и Колешино.


Локални специфики
Производството на земјоделски производи и овошки е специфично за овој крај. Во околината на Мокрино локалните жители одгледуваат цреши, костени, ореви и лубеници од извонреден квалитет. Од нив се приготвуваат разни специјалитети (слатка, ликери, сокови). Ликалната кујна е богата и во неа превладува зеленчукот. Посетете го одличниот ресторан „Панорама” во близината на Мокрино, каде во автентичен амбиент на стара македонска куќа, се нуди традиционална, мошне вкусна храна.


Што можете да видите во околината?
Секако, посетете ги Смоларскиот и Колешинскиот водопад. Во близина се наоѓа и бањата Банско, со остатоци од римски терми, и Моноспитовското блато, остаток од глацијалниот период, кои секако треба да се посетат. Исто така, не пропуштете да го видите манастирот „Света Елеуса” во блиското село Водоча, кој потекнува од 10 век.





Внесете го терминот што го барате и кликнете на "Пребарувај"

Go Macedonia
Metamorphosis
Mango Online
Skola za demokratija
NGO's Support Centers
NVO infocenter
Gragjanski svet
Eko Net
Website of Reka region
Blesok
FIOOM

FOSI Macedonia - all rights reserved