ЗА СРЕЌНИ МЛАДЕНЦИ

Опис на проектот
Проектот „Да ја сочуваме традицијата на Галичката свадба“ постави основи за одржлив развој на Галичката свадба и изнајдe обновливи извори на финансирање со употреба и развој на традиционални занаети: производство на носии, музички инструменти и сувенири; отворање соба-музеј и користење современи средства за информирање (интернет, мултимедијални CD-а, печатени материјали). Беше формиран фонд од кој се финансира изработка на предмети што традиционално се користат во свадбената церемонија. Производите се продавaaт за време на одржувањето на свадбата, но и во текот на целата година.


Контакт
Здружение КАМ, Ацо Лепчески, 070/219-259, lepce@hotmail.com


Локација
Галичник, општина Ростуше, Западна Македонија


За Галичник
Селото Галичник е дел од општината Ростуше, и е дел од националниот парк Маврово. Галичник се наоѓа на 1300 - 1600 метри надморска височина. Сместен е под карпестите сртови на врвот Говедарник (2018 м). Toa е типична македонска планинска населба во општа поставка како амфитеатар, ориентирана на исток - југоисток со глетки на бескрајни панорами кон планинските масиви Крчин, Стогово, долината на Радика со селата Јанче, Ажиевци, Присојница, Скудриње, Битуше, Ростуше, Велебрдо и Требиште. Во околината на Галичник се наоѓаат и селата Росоки, Селце, Тресонче, Лазарополе, Маврово, Беличица како и напуштеното село Сушица. Од десната и горната страна на Галичник се издигаат сивите карпести предели на планината Бистра, а од левата страна течат изворите на Ѓеневица, клокотејќи во кањонот на Тортеска Краста, издвојувајќи го Галичник од зелената букова шума. Со право се вели дека целиот овој предел, пред сé Галичник и неговиот планински пејзаж, е еден од најубавите и најатрактивни делови во Македонија и Балканот.


Како да дојдете до Галичник?
До Галичник може да се дојде од Скопје или од Охрид (можни се две варијанти - пократката преку Кичево и подолгата, но и поинтересна, преку Дебар). Од Скопје преку Дебар до Галичник со автомобил може да се стигне за 1 час и 40 минути (103 км). Од Охрид преку Дебар до Галичник со автомобил се стигнува за 2 часа (119 км). Откако ќе се помине првиот дел од Маврово, се скршнува десно и започнува најинтересната етапа од патот, којашто е проодна само 5 - 6 месеци во годината, поради екстремно големите наноси на снег (надморската височина на која што се протегаат одредени нејзини делови е до 1800 км).


Каде да преноќите?
Во Галичник може да се преноќи во хотелот „Неда”, изграден во традиционален стил. Во блиското село Маврово исто така има повеќе сместувачки капацитети од различни категории.


Локални специфики
Локалната архитектура и самата местоположба на Галичник се, покрај самата галичка свадба, една од најголемите специфики на ова село. Не треба да се пропуштат локалните специјалитети коишто се нудат во хотелот „Неда” и во ресторанот во центарот на селото, меќу кои, секако, е бакрданот, галичкото сирење и киселото млеко. Во Галичник треба да се посети и музејот на Ѓорги Пулески.


Што можете да видите во околината?
Во блиското село Маврови Анови се наоѓа рекреативниот центар Бунец (особено привлечно место во зимскиот период); овој дел од планината Бистра е познат како Влаиница. Можете да го посетите Мавровско Езеро со браната. На патот од Маврово до Галичник се простира „Мавровски Орман” - густа листопадна шума, со „Арамиско Чешмиче” и месноста Царевец. Од патoт се протега многу убава глетка на Мавровско Езеро и Кораб (највисокиот врв во Македонија), Шар Планина и Сува Гора, а во април или мај импресивни се „снежните тунели“ низ кои со многу труд е пробиен патот. Во месноста Тонивода се отвора голема висорамнина којашто зимно време тоне во бела тишина, а летно време е забелена од стадата бели овци, прошарана со ергелиња на коњи, коишто галопираат покрај неколкуте блиски езерца; на левата страна од патот од едно од езерцата истекува истоимената понорница којашто се губи во карпите под патот. По пат можат да се видат: бачилото Смрдливи Вирови, прекрасни ливади, двата живописни водопада на Обесена Вода и многу други природни предели. Посетете ја импозантната клисура на реката Радика, со планините Бистра, Крчин, Кораб и Стогово, и населените места кои претставуваат големи културно-историски споменици (Ростуше, Гари, Лазарополе, Тресонче, Битуше, манастирот Св. Јован Бигорски...).





Внесете го терминот што го барате и кликнете на "Пребарувај"

Go Macedonia
Metamorphosis
Mango Online
Skola za demokratija
NGO's Support Centers
NVO infocenter
Gragjanski svet
Eko Net
Website of Reka region
Blesok
FIOOM

FOSI Macedonia - all rights reserved