КОПАНИЧАРИТЕ ОД БАЊА БАНСКО

Опис на проектот
Група од 15 лица со хендикеп добија обука за работа со дрво и длаборез. Тие направија 40 копаничарски дела коишто беа изложени на изложби во Струмица, Скопје и други места во Македонија. Проектот „Резбарски Феникс во Струмичко” го спроведе здружението „Ергос” во соработка со вработените и корисниците од Заводот за заштита и рехабилитација на лица со хендикеп во Бања Банско. Тие добија алатки од програмата ФАРЕ, а прават напори за натамошен развој на оваа дејност со помош на Матицата на иселениците, Македонската православна црква и Министерството за култура.


Контакт
Здружение за подобрување на професионалната ориентација и вработување на хендикепирани лица, ЕРГОС, ул. Апостол Гусларот бр. 3,
1000 Скопје
Стеван Томовски, 02/3109-642; 02/3124-327; 070-222-353, estek@mt.net.mk
Златко Стојановски, Завод Бања Банско, 070/611-051


Локација
Бања Банско, Струмичко, југоисточна Македонија


За Бања Банско
Бања Банско се наоѓа во близина на Струмица, во подножјето на планината Беласица. Термоминералните извори во Бања Банско биле познати уште во римското време, за што сведочат археолошките остатоци на старите римски терми. Во околината на Бањата се наоѓаат шума од липи и костени и бистри планински потоци. Климатските услови се многу погодни за психофизичка рекреација. Летата се свежи, бидејќи на Беласица снегот останува преку целата година. Зимите се благи поради топлите води коишто го загреваат земјиштето. Во Бања Банско се наоѓа Заводот за заштита и рехабилитација, каде се згрижуваат, рехабилитираат и едуцираат лица со телесен хендикеп, со капацитет од 65 легла.


Како да дојдете до Бања Банско?
Од Струмица до Бања Банско се стигнува по асфалтиран пат, по 15 километри.
До Струмица може да се стаса со автобус од Скопје (автобуска врска има секој час), а од Струмица до Бања Банско сообраќа градски автобус пет пати на ден (поаѓање од Струмица во 6.30, 9.30, 12.30, 14.15 и 17.30 часот, а враќање во 7.30, 10.30, 13.30, 15.15 и 18.30 часот).


Каде да преноќите?
Во Бања Банско се наоѓа хотелот „Цар Самоил'' од „Б” категорија, со 240 легла, којшто има два полуолимписки базена и еден помал за пациенти со физикална терапија. Денес Бања Банско располага со 400 - 450 легла од разни категории за сместување на гостите.


Локални специфики
Бања Банско е карактеристична по топлите минерални води со лековито својство. Базените со оваа вода можат да се користат во хотелот Самoил, каде што можете да пробате и јајце сварено во топлите извори, со специфичен вкус. Во Бања Банско пробајте ги вкусните патлиџани, пиперки, бостан и друг зеленчук и овошје коишто виреат во овој крај.


Што можете да видите во околината?
Додека сте во Бања Банско, не пропуштајте да ги посетите манастирите Водоча и Вељуса. Во близина се наоѓа Моноспитовското Блато, реликт од глацијалниот период, коешто е особено интересно со својот жив свет. Во блиското село Мокрино посетете ги Мокринските Извори, а можете да ручате или да се освежите во ресторанот Панорама. Во близина се наоѓаат и двата водопада, во селата Смолари и Колешино.





Внесете го терминот што го барате и кликнете на "Пребарувај"

Go Macedonia
Metamorphosis
Mango Online
Skola za demokratija
NGO's Support Centers
NVO infocenter
Gragjanski svet
Eko Net
Website of Reka region
Blesok
FIOOM

FOSI Macedonia - all rights reserved