БЛИСКА СРЕДБА СО КОЛЕШИНСКИОТ ВОДОПАД

Опис на проектот
Охрабрени од позитивното искуство со водопадот во соседното село Смолари, и жителите на Колешино уредија пристапна патека до природната реткост – Колешинскиот Водопад. Пробиен е шумски пат, изградени се скали од камен и видиковец, односно, дрвен мост пред самиот водопад. Покрената е и широка медиумска кампања за промоција на оваа природна убавина. Проектот „Колешински водопад - допир со убавините” има цел да поттикле локален економски развој преку привлекување посетители.





Контакт
Месна заедница Колешино, Киро Танчев, 034/351-422
Еколошко друштво „Извор”,
ул. Климент Охридски бр. 2/2, Ново Село
Боро Зекиров, тел. 070/749-058, opstinanovoselo@hotmail.com


Локација
Село Колешино, општина Ново Село, Струмичко, југоисточна Македонија


За Колешино и водопадот
Колешино се наоѓа на падините, односно подножјето на живописната планина Беласица, на надморска височина од 630 м. Има околу 400 домакинства со 1.300 жители,познати како вредни земјоделци и познати производители на бостан и кикиритки.Во самото село успешно работат неколку стопански субјекти коишто, главно, за свое профитирање ги користат локалните ресурси, во прв ред земјоделските производи и дрвото. Планинската река Баба, спуштајки се од највисоки врвови, токму на овој дел прави неколку интересни слапови. Водопадот се наоѓа над селото.


Како да дојдете до Колешино?
До Колешино се стигнува преку Струмица. Од Скопје до Струмица можете да дојдете со автомобил или со автобус кој сообраќа секој час. Во летната сезона се одржува и автобуската линија Струмица - Охрид, а секојдневно сообраќаат автобуси и до другите поблиски градови.
Од Струмица до Колешино има автобус којшто тргнува во утринските часови, напладне во 12 и попладне во 18 часот. На локацијата до Автобуската станица во Струмица, за цена што е незначително повисока од автобуската, може да се користи превоз со комбиња коишто сообраќаат секој половина час. До Колешино води асфалтен пат во должина од 20 км. До водопадот се стигнува преку центарот на Колешино, по планински пат во должина од 1 км (прооден за автомобили).


Каде да преноќите?
Најблиските сместувачки капацитети, оддалечени 5 км, се во селото Бања Банско, меѓу кои е хотелот „Цар Самоил”, со 80 соби и покриен базен. Организирано приватно сместување засега нема, но постои интерес за негов развој.


Локални специфики
Колешино, како и повеќето други соседни села, има одлични услови за производство на смокви, киви, боровинки, рибизли, бостан… Ако го посетите налето, не пропуштајте да пробате некои од овие локални плодови, и, секако, уживајте во цветните градини коишто се наоѓаат околу секоја куќа. Во блиското село Мокрино посетете го ресторанот „Панорама”, уреден во традиционален стил, којшто нуди одлична храна специфична за овој крај.


Што можете да видите во околината?
При престојот во овој живописен предел може да се посетат блискиот Смоларски Водопад, оддалечен 7 км, а попатно, чудесните извори во селото Мокрино. Може да се посети Бања Банско, со геотермалните води, археолошките наоѓалишта од римскиот период и Моноспитовското Блато. Во близина се наоѓа манастирот Света Елеуса во Водоча, од 10 век.

 





Внесете го терминот што го барате и кликнете на "Пребарувај"

Go Macedonia
Metamorphosis
Mango Online
Skola za demokratija
NGO's Support Centers
NVO infocenter
Gragjanski svet
Eko Net
Website of Reka region
Blesok
FIOOM

FOSI Macedonia - all rights reserved