Опис на проектот
Група помлади жители од Маловишта беа обучени за изработка на ткаенини од козина и на резба. Проектот „Маловишта - традиција што трае” имаше цел да ја запре тенденцијата на изумирање на старите традиционални занаети и да ги поддржи иницијативите за обновување на мутавџискиот занает и за изработка на предмети и сувенири од дрво. Издадена е брошура и веб-страница. Оформена е збирка од стари предмети и ракотворби којашто е постојано изложена во центарот на селото. Се поттикна локалниот развој на туризмот и на производството, а локалните луѓе стекнаа самодоверба за вредноста на својата традиција.
Контакт
Здружение за одржлив развој на Маловишта и потпелистерските села ЕКЕ, Битола,
Ристо Палигора, 047/235-086, 070/591-681, eke1@freemail.com.mk
www.malovishta-eke.org.mk
Локација
Маловишта, југозападна Македонија
За Маловишта
Селото Маловишта е во близина на Битола. Тоа е планинско село, на подножјето на Пелистер и е единствената населба во границите на Националниот парк „Пелистер”. Во Маловишта живеат околу 300 жители, а уште толку гравитираат во селото за време на викендите.
Како да дојдете до Маловишта?
Во Маловишта може да се стаса преку магистралниот пат Битола - Охрид. На 18 км од Битола, од десната страна, води директен пат за селото Маловишта. Во селото се стигнува со автомобил, по асфалтен пат.
Каде да преноќите?
Посетителите можат да преспијат во приватна куќа во селото, а во летниот период и во конаците на манастирот Св. Ана, којшто се наоѓа во близина, во околната шума.
Локални специфики
Маловишта е специфично село, со интересена, автентична архитектура. Селото има убави, големи куќи градени од камен, на традиционален начин. Белег на старата архитектура се сочуваните стари калдрмисани улички, камените мостови и изгледот на мала градска населба. Во центарот на селото се издигнува црквата Св. Петка, со целиот свој фрескоживопис, како и извонредниот дрвен иконостас изработен во длабока резба. Во центарот има јавен објект каде што е поставена изложба за традиционалната култура на селото.
Во Маловишта нема угостителски објект, но со претходна најава, локалните жители можат да организираат ручек во самото село, и тоа познати влашки специјалитети, како на пример влашката пита, јагне печено во фурна и други традиционални локални јадења.
Што можете да видите во околината?
Околината во која е сместено Маловишта, самата по себе, заслужува да биде посетена. Во Маловишта доаѓаат многу љубители на природата, планинари и рекреативци коишто престојуваат во околната природа. Околу селото Маловишта постојат неколку пешачки патеки. Течението на реката Шебница над селото претставува една од најживописните глетки во Националниот парк „Пелистер”. Во близина, на неколку километри од селото, се наоѓа надалеку познатиот манастир Св. Ана, кој, секако, треба да се посети. Во близина на Маловишта е градот Битола, којшто има многу богата културно-историска понуда.
 |