Опис на проектот
Споменикот „Слобода”, дело на академскиот вајар Јордан Грабул, лоциран на Вардарски Рид покрај Гевгелија, е место каде се собираа граѓаните по повод различни празници, свечености, манифестации, или едноставно го поминуваа слободното време на чист воздух и во природа. Но, откако беше откриен археолошкиот локалитет Вардарски Рид, значајна праисториска и античка населба од XIII-I век п.н.е. на која & претстои трансформација во археолошки парк, споменикот ја изгуби својата функција. Тој сега стои на ридот, осамен и непосетуван, а истовремено ги попречува натамошните археолошки истражувања. Граѓаните, претставувани од неколку здруженија на граѓани, Музеј – Гевгелија и локалната самоуправа, одлучија споменикот да го пренесат на друга локација и да ја обноват традицијата поврзана со него. Тој треба да биде пренесен на Мрзенски Рид и повторно ќе стане место каде што ќе се собираат и дружат граѓаните.
Контакт
Национална установа Музеј - Гевгелија, Маршал Тито 26,
1480 Гевгелија
Бобан Хусеновски, 034/213-660; 070/599-788,
bohus@mt.net.mk, muzejgev@mt.net.mk
Локација
Гевгелија, јужна Македонија
За споменикот на Слободата и Вардарски Рид
Академик Јордан Грабул го создаде споменикот „Слобода” во раните 70-ти години на 20 век. Тој е посветен на паднатите борци и жртви од Гевгелија и околината, во Втората светска војна.
Систематското истражување на археолошкиот локалитет Вардарски Рид во период од 1994-2004 година, го дефинира како најзначајна праисториска и античка населба во Долно Повардарие. Првите знаци на организиран живот потекнуваат од 13 век п.н.е., иако постојат индиции за постоење на неолитска населба од 4.500 година п.н.е. Најновите резултати од истражувањата во 2003-2004 година укажуват на постоење на последната населба В.Р.ВИ во текот на првиот век од новата ера, односно за време на републиканскиот римски период, што воедно претставува terminus post quem на населбата.
Како да дојдете Гевгелија?
Гевгелија се наоѓа на крајниот југ на Македонија, покрај границата со Република Грција. До градот се стасува по современ автопат, а има редовна и добра автобуска и железничка линија.
Вардарски Рид се наоѓа на 3,5 километри од центарот на Гевгелија, на десниот брег на реката Вардар, а Мрзенски Рид се наоѓа покрај блиското селото Мрзенци.
Каде да преноќите?
На самиот локалитет Вардарски Рид се наоѓа совермен туристичко-угостителски комплекс, мотел „Вардар”. Може да се преноќи и во неколкуте хотели во Гевгелија, меѓу кои хотелот „Југо”. Во близина на Мрзенски Рид, на оддалеченост од 2,5 километри, се наоѓаат познатите Негорски Бањи, кои исто така имаат сместувачки капацитети.
Локални специфики
Гевгелија е позната по благата, медитеранска клима. Речиси преку целата година, тука можете да пробате вкусно овошје и зеленчукови плодови. Во градот може да се посети Музејот со постојаната археолошка поставка „Вардарски Рид со околните наоѓалишта”, каде можете да купите и керамичка копија на некој од експонатите откриени на истоимениот локалитет. Посетете го хотел „Југо”, каде честопати се организираат изложби. Во градот се наоѓа познатиот рекреативен центар - базен „Фатаморгана”. Во подножјето на Мрзенски Рид, е сместен познатиот гурмански ресторан „Јавор”, чии специјалитети се надалеку познати.
Што можете да видите во околината?
Во близина на Гевгелија се наоѓа туристичко-рекреативниот и тервпетски комплекс Негорски бањи. Посетете го и локалитетот Смрдлива Вода на планината Кожуф, со извори на лековита вода. Во близина се наоѓа Дојранското Езеро, познато по калинките, смоквите, малините, но и по својата блага клима и лековитиот воздух, особено за оние што страдаат од бронхијални заболувања. |