 Опис на проектот
Проектот „Економски развој преку културно-историски вредности” имаше цел да ги оживее локалните, културните и историските вредности, а преку тоа да помогне за економско зајакнување на жените и развивање на мини бизниси. Се одржа обука за ткаење и везење на традиционални носии; за подготовка на традиционални јадења; за ковање и изработка на специфични глинени садови („черепи”). Изградени се јавни фурни во Велешта и Делогожда. На крајот, во двете села се организираше јавен настан, со изложба од традиционалните носии и јадења зготвени во фурните истиот ден и презентација на традиционалната музика, игри и песни.
Контакт
Организација на жени „Ауреола”, ул. Боро Шаин бр. 29, Струга
Нурие Жаку, 046/787-347, aureola_6@yahoo.com
Здружение “Витае”, Делогожда
Натмир Жаку, 046/67-867, 046/709-449
Локација
Велешта и Делогожда, Струшко, западна Македонија
За Велешта и Делогожда
Велешта и Делогожда се меѓу најголемите села во струшкиот регион, со околу 10.000 жители. Имаат богато и разновидно живо и неживо наследство. Но, со текот на времето, со миграцијата на младите, голем дел од културното и историското наследство се заборави и запостави. Населението се занимава со земјоделство. Во Делогожда има основно училиште.
Како да дојдете до Велешта и Делогожда?
До Велешта и Делогожда може да се стигне со автомобил од Струга, по асфалтиран пат. Велешта од Струга е оддалечено 14, а Делогожда, 7 километри. За Велешта се оди по патот Струга - Дебар, а за Делогожда преку истиот пат, но се свртува на крстосницата во близина на бензинската пумпа Илинден. До селата нема редовна автобуска линија.
Каде да преноќите?
Во Делогожда има еден хотел и ресторан. Може да се преноќи и во многубројните блиски, струшки хотели.
Локални специфики
Двете села имаат разновидно културно-историско наследство: стари историски инструменти, носија и други фолклорни обележја. Селата се познати и по своите земјоделски и сточарски производи. Селата се познати по ‘ржениот леб печен во „черепи” – глинени садови покриени со метални капаци.
Во Велешта има бројни ресторани и еден хотел во нова Велешта - пред самото село. Во центарот на селото има мал базен со риби, до кој има и ресторан каде што веднаш ќе ви подготват јадења од рибите, како и други традиционални јадења.
Што можете да видите во околината?
Во селото Ливада, еден километар пред Делогожда, постои приватен етнолошки музеј основан од професор по историја, којшто заслужува да биде посетен. Во близина се наоѓа и селото Вевчани со познатите извори и други природни и културни вредности. Секако, може да се посетат и градот Струга и Охридското Езеро. |