Опис на проектот
Триесетина деца, чиишто цртежи и литературни творби беа наградени на конкурсот на тема „Мариово, екологија, традиција, живот”, беа гости на Детскиот камп „Итар Пејо” во Старавина, во јуни 2003 година. Децата беа гости на жителите на Старавина и Градешница и видоа дел од богатото природно и културно богатство на Мариово. Тие посетија традиционални работилници за цедење мед и за стрижење овци, фотографираа, цртаа и пишуваа, а нивните творби беа изложени во Детскиот културен центар „Карпош” во Скопје, на изложбата „Итар Пејо меѓу децата во Мариово”, и претставени во брошура.
Контакт
Еколошко друштво „Кајмакчалан”, ул. Панде Илковски бр. 31, Битола
Менде Трајковски, 047/231-145, 070/577-906, ekomariovo@yahoo.com
Локација
Старавина и Градешница, Мариово, југозападна Македонија
За Старавина
Регионот Мариово се наоѓа во јужниот дел на Република Македонија, во пазувите на планините Ниџе и Селечка. Општина Старавина (333 квадратни километри) го претставува битолскиот дел на Мариово. Тоа е најслабо населената област во Македонија, како резултат од големата миграција во последните неколку децении.
Мариово се наоѓа на надморска висина од 600 - 900 м. Климата е планинска, има пространи пасишта на кои се белееат стада овци и богат шумски фонд, особено на планината Кајмакчалан. Природата е особено атрактивна напролет кога сиот предел изгледа како голем цветен килим. Илијадниците разнобојни и миризливи планински цветови, лековити билки и чаеви му давааат посебна убавина и привлечност. Регионот нуди извонредни можности за развој на сточарството, пчеларството, селскиот и ловниот туризам, дрвната индустрија и производството на еколошки здрава храна.
Како да дојдете до Старавина?
Ако тргнете од Битола низ битолското поле преку преминот Преслапта по асфалтен пат ќе стигнете во селото Маково. Од селото Рапеш почнува неасфалтиран, макадам пат (десетина километри) до селата Старавина и Градешница.
Каде да преноќите?
Во просториите на општината Старавина се опремени неколку соби за ноќевање коишто располагаат со тоалет и кујна. Оние коишто претпочитаат автентичен селски амбиент можат да се сместат во селските куќи. Локалните жители ги нудат своите домови, во договор со самите туристи.
Локални специфики
Во Старавина, Градешница, како и блиските села Орле, Брник, Ивени, Зовиќ, Будимирци и Груниште ќе ја почувствувате вистинската, со ништо ненарушена традиција на Мариово. Секако, пробајте ги домашните производи – бело и биено мариовско сирење, мед, бркаданик со овчо кисело млеко, зелник, јагне на ражен, јадења од сушени пиперки и други специјалитети.
Што можете да видите во околината?
Настрана од градската врева и фабричките оџаци, селските населби опстојуваат во нагласен мир и особена хармонија. Архитектурата е специфична – куќите се ѕидани од камен, покриени со камени плочи и слама. Во Старавина, посетете ја тврдината „Пешта” од римско време којашто чува дел од историјата на Мариово, поврзана со личноста на Калеш Анѓа. Црквата Св. Димитрија во Градешница (16 век) е реткост на Балканот, по камениот олтар. Во црквата Св. Никола во Градешница можат да се видат извонредни фрески и неколку црковни книги стари 350 години. Локалните луѓе ја негуваат традиционалната носија како еден од најзначајните елементи на нивната култура. Секако треба да се види реката и најдолгата клисура во Македонија, како и прекрасните Бела Река и Градешка (Камена) Река, гордоста на Мариово - планинска река со чиста, питка вода без варовник, богата со риба, особено пастрмка. Речното корито е составено од големи мазни камења коишто й даваат посебна убавина. Некогаш тука работеле 12 воденици. Реката е заштитена со закон, како природна реткост. Камениот мост којшто во селото Зовиќ ја премостува Градешка Река е едно од сведоштвата оставени од големите мариовски мајстори - градители.
 |