ЗЕЛЕНО КАТЧЕ ВО ВУЛКАНСКИОТ КРАТЕР

Опис на проектот
Младите од Кратово, преку волонтерски бригади, го уредија и оплеменија единствениот зелен јавен простор - просторот во близина на двата столетни бора и на пензионерскиот дом. Се изгради патека, мовче и мала летна сцена, а просторот е оплеменет со цвеќе и дрвца. Проектот „Карши бавча” имаше за цел во камената подлога на изгаснатиот вулкански кратер во кој е сместено Каратово да уреди и промовира зелена оаза каде што граѓаните ќе се собираат, дружат, ќе организираат и следат различни културни, забавни и други манифестации.


Контакт
Центар за независни граѓански иницијативи, Кратово
Гоце Стојановски 070/258-187, radkrato@freemail.com.mk


Локација
Кратово, североисточна Македонија


За Кратово
Кратово е еден од најстарите градови на Балканот. Има 7.000 жители. Сместен е во пазувите на Осоговските Планини. Поставен е амфитеатрално на падините на изгаснат вулкански кратер, на бреговите на три реки: Кратовска, Манцева и Бабакарина Река. Има мошне специфична архитектура, во која доминираат 12 стари мостови и 6 средновековни кули.


Како да дојдете до Кратово?
До Кратово може да се дојде со автомобил, преку Куманово (60 км) или со автобус кој од Скопје тргнува во 7.30, 13, 15.30 и 17.30 часот.


Каде да преноќите?
Во Кратово можете да преноќите во хотелот „Кратис”, којшто се наоѓа во самиот центар на градот.


Локални специфики
Локалната архитектура, високите сводести мостови, саат-кулите и тесните калдрмисани сокаци се најкарактеристичните обележја на Кратово. Прошетајте го пеш, поминете го познатиот Радин мост и погледнете ги турскиот амам, Саат-кулата и другите камени градби. Посетете го Градскиот музеј што се наоѓа во живописниот, некогашен Сарај, блиску до стариот турски затвор. Во зимскиот период, во Кратово се подготвува специјалитетот „пастрмајка”, а во текот на целата година, познатите „мантии” и кратовскиот мезел’к. Нив можете да ги пробате во локалните кафеани - „КАНУ”, во типичен староградски стил, „Александрија” и „Солун”.


Што можете да видите во околината?
Десетина километри оддалечено од Кратово се наоѓа селото Куклица во чијашто близина, неизоставно, треба да се посети природниот феномен – камените „кукли” создадени од ерозијата, силата на ветерот и климатските влијанија. Во близина се наоѓаат археолошки локалитети за кои можете да се информирате во Музејот на Кратово.





Внесете го терминот што го барате и кликнете на "Пребарувај"

Go Macedonia
Metamorphosis
Mango Online
Skola za demokratija
NGO's Support Centers
NVO infocenter
Gragjanski svet
Eko Net
Website of Reka region
Blesok
FIOOM

FOSI Macedonia - all rights reserved