НА ИЗЛЕТ КАЈ СМОЛАРСКИОТ ВОДОПАД

Опис на проектот
Проектот „Смоларски Водопад” имаше за цел една ретка природна убавина да ја направи достапна до пошироката јавност, а преку тоа да го афирмира природното и културното наследство на Смолари и неговата околина. Беше пробиена патека долга околу 500 метри, се изградија скали, мост пред самиот водопад, видиковец, ограда и друга инфраструктура. Преку доброволни работни акции, во оваа акција учествуваше месното население. Беше покрената засилена медиумска кампања, по што Смоларскиот водопад стана една од најпосетуваните природни атракции во Македонија. Проектниот тим, месното население и општина Ново Село, охрабрени од големата посета во текот на целата година, ги продолжија активности околу натамошното уредување на просторот, афирмирање на Смоларскиот Водопад и развој на селскиот и планинскиот туризам во општината.


Контакт
Месна заедница Смолари, Глигор Дојчинов, 034/356-529
Општина Ново Село, ул. Мануш Турновски б.б. Ново Село, Панчо Стојанов, 034/355-202, opstinanovoselo@hotmail.com


Локација
Смолари, општина Ново Село, Струмичко, југоисточна Македонија


За Смолари и за водопадот
Смоларскиот Водопад е висок 35 метри и се наоѓа на реката Ломница, на надморска височина од 651 метар. Селото Смолари е типична подбеласичка населба, каде што луѓето се занимаваат со земјоделство и овоштарство (побарајте ги локалните рибизли, киви, смокви и други овошки).


Како да дојдете до Смолари?
До селото Смолари се стигнува преку Струмица и Ново Село. Од Струмица е оддалечено 30 километри, а од Ново Село 8 километри. Автобуска врска со Смолари нема, но зачестено сообраќаат комбиња на релацијата Струмица - Ново Село - Смолари. Самиот водопад е оддалечен 1,2 километра од асфалтниот пат, којшто минува низ подбеласичките села. До него можете да стигнете поминувајќи низ селото. Патеката е поплочена со камен и има релативно блага нагорнина.


Каде да преноќите?
Локалните луѓе во Смолари повремено издаваат соби за ноќевање. Но, нема организирана форма на понуда на соби – за тоа треба да се договорите директно со локалните жители. Во Ново Село нема сместувачки капацитети, но во непосредна близина (10 км) се наоѓа бањскиот туристички центар Бања Банско, со неколку хотели кои нудат сместување по пристапни цени. Во близина на Струмица (околу 25 км) се наоѓа хотелот „Сириус”.


Локални специфики
Во Смолари нема угостителски објекти, но локалните луѓе нудат производи за исхрана и освежување во деновите на поголемата посетеност. Секако, побарајте ги локалните земјоделски производи и овошјето со коешто изобилува овој подбеласички регион. Во Ново Село има 15 угостителски објекти коишто нудат вкусни специјалитети на скара. Во селото Мокрино посетете го ресторанот „Панорама” - со прекрасен амбиент и понуда на традиционална македонска кујна.


Што можете да видите во околината?
Од останатите природни убавини, може да се посети Колешкиот Водопад и чудесните извори во Мокрино. При посетата на Струмица вредно е да се види манастирот Света Елеуса во Вељуса. Во близина се наоѓа и Колешкиот Водопад.





Внесете го терминот што го барате и кликнете на "Пребарувај"

Go Macedonia
Metamorphosis
Mango Online
Skola za demokratija
NGO's Support Centers
NVO infocenter
Gragjanski svet
Eko Net
Website of Reka region
Blesok
FIOOM

FOSI Macedonia - all rights reserved