БОИТЕ ОД РАЗБОИТЕ

Опис на проектот
Проектот „Вешти раце од Русиново” има цел да даде импулс на локалниот развој преку зачувување на традицијата на старите занаети во Малешевијата. Тој ја поттикна натамошната изработка на дрвени разбои, плетени, предени, ткаени и везени предмети и нивна продажба. Изработен е каталог и ценовник на производите, а производителите учествуваа на неколку саеми и панаѓури. Тие ги претставија своите вештини преку посебна изложба во Скопје.


Контакт
Здружение на граѓани за локален развој на Малешевијата „Ракотворби”,
2315 Русиново, Берово
Лидија Стоименовска, тел. 033/448-608, 070-495-362, lstimenovska@yahoo.com
Љупка Механџиска, 033/448-656


Локација
Село Русиново, Беровско, источна Македонија


За Русиново
Русиново е пет километри оддалечено од Берово. Се наоѓа во пазувите на Малешевските Планини, во најисточниот крај на Македонија. Има околу 2.600 жители, кои, главно, се занимаваат со земјоделство, сточарство и изработка на ракотворби (јамболии, килими, ткаени черги, платна астарки, шлајфери, чоја – шајак, брдници и други предмети) од локален материјал (локална волна и памучен отпад од текстилните фабрики во Берово), со разбои кои се прават во селото (хоризонтален самоделски разбој и опрема, изработени од локално дрво).


Како да дојдете до Русиново?
До село Русиново може да се стигне со автобус и автомобил, од Скопје (преку Велес, Штип, Кочани, Виница, Берово), како и од Струмица (околу 70 километри). Автобусите од Скопје кон Берово тргнуваат во 9.30, 13.20, 15.15 и 18.00 часот, а од Берово кон Скопје во 4.30, 7.30, 10.30 и 16.15 часот.


Каде да преноќите?
Посетителите можат да преноќат во Ловниот дом во Берово, или во одморалиштето „Младост” во близина на Беровското Езеро. Се нуди и приватно сместување во викендичките покрај Езерото.


Локални специфики
Во селото Русиново на лице место може да се види традиционалниот начин на ткаење и да се купат локални производи. Покрај предметите од текстил, изработени на разбој, секако, побарајте ги и познатите прехранбени производи: малешевското сирење, малешевскиот компир и познатата малешевска сливова ракија. Ресторани каде што можат да се вкусат овие производи се: „Карадак”, „Мрс”, „Паризиен”, „Солун”, Ловен дом, „Центар” и повеќе други во Берово и околината.


Што можете да видите во околината?
Секако, треба да се посети Беровското езеро „Младост”, како и околната природа на познатата Малешевија, потоа беровскиот манастир, излетничкото место Абланица и викенд-населбата крај Беровското Езеро. Во близина е градот Берово, еден од највисоките во Македонија. Меѓу Берово и Русиново се наоѓа интересна уметничка галерија, покрај самиот пат, која што нуди рачно изработени керамички уметнички предмети.





Внесете го терминот што го барате и кликнете на "Пребарувај"

Go Macedonia
Metamorphosis
Mango Online
Skola za demokratija
NGO's Support Centers
NVO infocenter
Gragjanski svet
Eko Net
Website of Reka region
Blesok
FIOOM

FOSI Macedonia - all rights reserved