”Живо наследство” е мрежа што има цел да поддржи локални иницијативи за заштита, користење и презентација на културното наследство, како ресурс за одржлив развој на заедниците. Повеќе за мрежата >>>

 
Сакате да станете член на групата
„Пријатели на живото наследство“!!?
Добивајте редовни информации за сите активности на мрежата!!!
Зачлени се овде
 >>>

02.11.2007 | Годинава, Фондацијата Институт отворено општество – Македонија одбележува 15 години од своето основање и работење

Годинава, Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) одбележува 15 години од своето основање и работење. Својот јубилеј ФИООМ ќе го прослави работно, со организирање низа настани: дебати, промоции, изложби, конференција, во текот на „месецот на отвореното општество“, ноември 2007 година.

Фондацијата беше основана од Џорџ Сорос во септември 1992 година, како претставништво на странско правно лице, со мисија чија срцевина остана непроменета до денес – промовирање на концептот на отвореното општество во Македонија. Иако мисијата на ФИООМ еволуираше оттогаш, добивајќи поинакви формулации и прилагодувајќи се на духот на времето, нашата филозофија остана непроменета. Преку сите свои програми ФИООМ го промовира граѓанското општество и заедно со своите партнери и бројните невладини организации придонесува за внатрешна интеграција на Македонија како предуслов за интеграција во ЕУ. Од 1999 година, ФИООМ е регистрирана како домашно правно лице, според Законот за здруженија на граѓани и фондации.

Програма на настани за 15-годишнината


29.01.2007 | Отворен пазар за локални производи во Смоларе

На 26 јануари 2006 година, градоначалникот на општина Ново Село, Никола Андонов и извршниот директор на ФИООМ, Владимир Милчин, го пуштија во употреба пазарот на локални производи во селото Смоларе. Пазарот е една од активностите кои општината ги прави во контекст на развој на еколошкиот и селскиот туризам. Пазарот е лоциран покрај патеката што води кон Смоларскиот водопад, над селото, а на него ќе се нудат локални производи – ракотворби, зеленчук, овошје и преработки – домашни слатка, сокови, мед и друго. Во општината, една од атракциите кои ги привлекуваат овој тип туристи е Смоларскиот водопад, кој на јавноста и стана достапен преку програмата „Живо наследство“, поддржана од ФИООМ и белгиската фондација Крал Бодуен.

Пазарот е дел од проект кофинансиран од општината и ФИООМ. Тоа е четврти проект што ФИООМ го поддржува преку оваа програма во општина Ново Село (покрај патеките за Колешкиот и Смоларскиот водопад и Мокринските извори). Поради придонесот на Фондацијата во развојот на општината, градоначалникот Андонов го прогласи директорот на ФИООМ, Владимир Милчин, за почесен жител на општина Ново Село.


01.06.2006 | Саем Живо наследство

На 10 јуни, на улицата „Македонија“, во близина на споменикот на Мајка Тереза ќе се одржи вториот Саем Живо наследство. Ќе се претстават повеќето проекти спроведени преку програмата Живо наследство на ФИООМ, која поддржува развој на заедниците преку локалното културно наследство.

Саемот го организира Центарот за современа уметност од Скопје, со финансиска поддршка од ФИООМ. Спонзор на настанот е општината Центар.


23.12.2005 | Промоција на книгата „Лешок и соседните села“

На 24 декември 2005 година во манастирскиот комплекс „Св. Атанасиј и Св. Богородица“ во село Лешок ќе биде промовирана книгата „Лешок и соседните села (духовна и материјална култура)“. Изготвувањето на книгата е дел од проектот „Младите и преданијата од Лешок и соседните села“ што го спроведуваат здружението „Лешок“ со седиште во Скопје и Месната заедница Лешок.

Проектот е поддржан од ФИООМ во рамките на програмата „Живо наследство“, а нергова цел е намалување на миграцијата и зближување на младите од различно етничко потекло преку запознавање на културното наследство. Дел од активностите беше формирањето Младински креативен центари негово опремување со компјутери и друга опрема. Центарот треба да претставува катче каде младите ќе се дружат и соработуваат, ќе создадат културна шема и креираат веб-страница за овој крај.


14.12.2005 | Битола
Отворен објектот Младински културен центар

Со сечење црвена лента, на 13 декември 2005 година, извршниот директор на ФИООМ, г. Владимир Милчин свечено го пушти во употреба објектот Младински културен центар во Битола. Центарот е сместен во стара куќа на улицата „Самоилова“, заштитен споменик на културата. Куќата е целосно реставрирана, со поддршка од програмата „Живо наследство“ спроведена од ФИООМ и Фондацијата Крал Бодуен (ФКБ) од Белгија. Во финансирањето на овој обемен зафат, ФКБ обезбеди 40.000 УСД, а ФИООМ 42.000 УСД за периодот 2001-2005 година. Тоа е воедно најголемиот проект на оваа програма.

Со овој објект Битола доби културен центар за младите, со капацитети за одржување работилници (курсеви за компјутери и за јазик) и за работа со медиуми, простор за состаноци, концерти, промоции, дебати, и други настани. ФИООМ и ФКБ добија благодарници од здружението Младински културен центар, кое го спроведе проектот.


13.10.2005 | Од 13 до 15 октомври во Скопје
Меѓународна конференција Живо наследство

Во име на Мрежата „Живо наследство“, Фондацијата Институт Отворено општество – Македонија беше домаќин на меѓународната конференција на тема „Живото наследство – учејќи од иновативните практики во културата и локалниот развој во Југоисточна Европа“. Конференцијата се одржа во Скопје, од 13 до 15 октомври 2005 година. Ја поздравија г-ѓа Радмила Шеќеринска, потпретседател на Владата на Република Македонија, г. Донато Кјарини, Шеф на Делегацијата на Европската комисија во Скопје, г. Владимир Милчин, извршен директор на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и г. Фабрис де Керхов од Фондацијата Крал Бодуен од Белгија. На Конференцијата учествуваа претставници од институции од областа на културата од Франција, Белгија, Холандија, Велика Британија, Швајцарија, Полска, Србија и Црна Гора, Романија, Турција, Босна и Херцеговина и Бугарија.

Програмата „Живо наследство“ поддржува иницијативи за заштита, користење и претставување на културното наследство како ресурс за одржлив развој на заедниците. Меѓународната конференција е дел од активностите поддржани од програмата Култура 2000 на Европската Комисија. Тоа е можност да се нагласи придонесот на програмата „Живо наследство“ и има за цел да понуди размена на искуства и знаења  од областа на развојот на заедниците и културата.


12.10.2005 | Здружение КАМ
Музеј на културното наследство на Галичник

Здружението „Културна афирмација на Мијаците“ - КАМ од Галичник на 11 октомври 2005 година организираше свеченост по повод пуштањето во употреба на Музејот на културното наследство на Галичник. Поддршка за оваа активност е обезбедена преку проектот „Развој на општините и културата“, координиран од Министерството за култура на Република Македонија.

Во музејот, лоциран во Вила Доста во центарот на Галичник, ќе бидат изложени дел од производите (носии и делови од носии, музички инструменти), изработени во рамки на програмата „Живо наследство“.


12.10.2005 | На Мрзенски рид, Гевгелија
Повторно собирање околу Споменикот на слободата

На 10 октомври 2005 година граѓаните на Гевгелија и нивните гости ја прославија завршната манифестација на проектот со кој се изврши дислокација на Споменикот на слободата, од Вардарски на Мрзенски рид. Споменикот, дело на академскиот уметник Јордан Грабул, повторно ќе стане место за собирање и одржување на официјални прослави и манифестации. Дислокацијата на споменикот е поддржана преку програмата „Живо наследство“ на ФИООМ.


19.09.2005 | Во Лесново
Промоција на уредениот локалитет Борја

Жителите на пробиштипското село Лесново, братството на манастирот Св. Гаврил, здружението „Злетовица“ и општината Пробиштип на 21 септември 2005 година организираа свечен собир со цел да се промовира уредениот локалитет Борја во близина на манастирот. На традиционалниот народен собир, што секоја година се одржува по повод верскиот празник Мала Богородица, зборуваше градоначалникот на општина Пробиштип, се одржа литургија во манастирот и настап ка културно-уметничкото друштво „Весели пензионери“. Преку програмата „Живо наследство“ на ФИООМ, локалитетот е уреден, поставени се надстрешница, клупи, кошници а издадена е и брошура за селото Лесново, неговата околина и манастирот Св. Гаврил.


19.09.2005 | На езерото Локув
Пикник, планинарење и капење

Група ентузијасти во саботата, 17 септември 2005 година, заедно со месното насeление од Ростуше, се искачи до глацијалното езеро Локув на планината Дешат. Најхрабрите се капеа во езерото, а останатите уживаа во пикникот и прекрасната природа. Пикникот го организираа здружението Рекански бисер и локалните жители, како завршна манифестација на проектот спроведен преку програмата “Живо наследство”. Преку проектот се трасираше пешачка патека, се поставија патокази и информативни табли и се издаде информативен флаер. Жителите се надеваат дека езерото Локув ќе биде една од одредниците на локалниот развој на Ростуше.


16.09.2005 | Во Културниот центар Точка
Наследството од Ѕвегор

Од 9-11 септември, во Културниот центар „Точка“ се одржа продажна изложба на традиционални производи од селото Ѕвегор, Делчевско. Изложбата е дел од проект на здружението „Искон“ од Ѕвегор, во рамки на програмата „Живо наследство“. Ѕвегорци се претставија со традиционални музички инструменти (гајда, кавал, кемене), накит од монистра и снимки од автентичниот василичарски карневал – Сурва.


08.07.2005 | Изложба на беровските ковачи

Во петок, 8 јули 2005 година, во Културниот центар Точка во Скопје беше отворена продажна изложба на производи изработени од ковачите од Берово. На отворањето зборуваа Славица Јанешлиева, уметница според чиј дизајн се изработени дел од производите и Рамче Кундевски, еден од младите ковачи што беа обучени од постарите, во рамките на проектот „Златните раце на ковачите“. Овој проект го спроведува здружението „Романела“ од Берово, во рамките на програмата „Живо наследство“ на ФИООМ. Изложбата е отворена за време на викендот 8-10 јули 2005, од 9-21 часот.


01.07.2005 | Културното наследство на Струга

На новоотворената веб страница www.kultura-struga.com.mk се презентирани интересни содржини за културното наследство од регионот на Струга, илустрирани со текстови, фотографии, аудио и видео записи... Сајтот го подготви Здружението на граѓани „Рубљов“. Посетете ги!


13.06.2005 | Регионална работилница за професионална надградба

Во рамките на регионалната мрежа „Живо наследство“ во која учествуваат државите каде се спроведува истоимената програма (Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Романија) се одржа Работилница за професионална надградба, од 25-29 мај, во Сараево. Целта на работилницата беше да ги подобри капацитетите на професионалците што работат на оваа програма, за да обезбедат подобри фацилитаторски, консултантски и тренерски услуги за корисниците на програмата „Живо наследство“. Од Македонија учествуваа Маријана Иванова, Драги Поп Стојанов и Никола Писарев.


30.05.2005 | Мокринските извори за навек
На 24 мај 2005 година, во близина на селото Мокрино, Струмичко, со сиот свој раскош пред гостите, домашното население и новинарите блеснаа Мокринските извори. Ослободена од бетонските бариери, водата слободно извира од корењата на столетните чинари, а до неа е направена патека од природен камен, поставени се клупи и надстрешница. Проектот „Мокринските извори за навек“ го спроведе здружението „Извор“ од Ново Село, во соработка со месната заедница Мокрино и општината Ново Село. Уредениот локалитет свечено го отворија градоначалникот на општина Ново Село, г. Никола Андонов и претседателката на Управниот одбор на ФИООМ, г-ѓа Слободанка Марковска.


26.05.2005 | Занаетчиите работат со уметници

Ковачите од Берово, ткајачките од беровското село Русиново и грнчарите од кичевското село Вранештица го збогатуваат асортиманот на своите производи, додавајќи му уметничка нишка. Тие се поврзаа со уметничките Славица Јанешлиева и Дијана Томиќ-Радевска по чиј дизајн изработуваат предмети по традиционална занаетчиска постапка. Занаетчиските производи со уметнички потпис наскоро ќе можат да се најдат во ателјеата на двете уметнички како и во продажните места во Скопје и на други локации. Дел од овие производи беа претставени на неодамна одржаниот Саем на живото наследство во Скопје.


25.05.2005 | Веб страница за Река

Како дел од проектот Мали традиции големи вредности, отворена е веб страница за презентација и промоција на реканскиот регион и неговите културни, етнолошки, природни и економски потенцијали. Веб страницата содржи повеќе од 300 фотографии, 500 секунди традиционална музика од регионот на Река, како и околу 100 страници текст од областите историја, обичаи, стари занаети, традиционална архитектура, религиозни церемонии, современ живот на Река, објавени на македонски и на англиски. Посетете ја страницата www.reka.org.mk


20.05.2005 | Свеченост на Мокринските извори

Еколошкото друштво Извор од Ново Село и Месната заедница Мокрино организираат свеченост по повод уредувањето на локалитетот Мокрински извори, на 24 мај (вторник), со почеток во 12 часот. Со проектот Мокринските извори за навек, поддржан од програмата „Живо наследство“, изградена е патека, надстрешница и друга инфраструктура, со цел локалното население и посетителите да уживаат на пикник, часови во природа и другите собири покрај чудесните кладенци, кои извираат од корењата на столетните чинари.


19.05.2005 | Чествување за Кирил Пејчиновиќ

Здружението Лешок организира свеченост по повод 160 години од упокојувањето на Кирил Пејчиновиќ. Манифестацијата ќе се одржи на 20 мај 2005 година, петок, во селото Лешок. По претходно полагање цвеќе на спомен-плочата во селото Теарце и на гробот на Кирил Пејчиновиќ во манастирот во Лешок, ќе се одржи пригодна културно-уметничка програма, по што ќе се разгледа изложба на стари фотографии и спомен-собата на овој македонски преродбеник.


09.05.2005 | Работилница во Ростуше

На 16 мај, здруженијата „Рекански бисер“ од Ростуше и „Радика“ од Скопје организираат еднодневна работилница со локалното население од Ростуше и околните села. Двете организации го спроведуваат проектот „Уредување на туристичко-рекреативниот центар – лединичкото езерото Локув на планината Дешат“, поддржан од програмата „Живо наследство“. Се очекува локалните жители да придонесат за што поуспешно спроведување на проектот, како и за идентификување на ресурси за равој на културен и рекреативен туризам во овој крај. На работилницата ќе биде прикажано искуство од сличен веќе реализиран проект во преспанското село Брајчино. Добиените информации ќе послужат за подготовка на информативен материјал и обележување и интерпретација на содржината на патеката до ледничкото езеро Локув.


26.04.2005 | Започна реновирањето на објектот МКЦ Битола

Со грант од програмата „Живо наследство“, објектот на ул. Цар Самоил 29 во Битола, заштитен споменик на културата, започна да се реновира. Старата необарокна куќа ќе биде целосно обновена и пренаменета во Младински културен центар, кој ќе нуди богати културни и едукативни програми за млади – изложби, концерти, работилници, јазични курсеви, театарски изведби. Отворањето на реновираниот објект се очекува ова лето.


16.04.2005 | Концерт на КУД „Дримкол“ – Вевчани
На 16 април со почеток во 20 часот во Универзалната сала во Скопје ќе гостува Културно-уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани, кое е член на Мрежата „Живо наследство – Македонија“. Програмата на свечениот концерт „Вевчани – од корените до вознесот“ опфаќа врвни музички и кореографски изведби од членовите на овој македонски ансамбл.


04.04.2005 | Саем на живото наследство

Група вевчанци и ѕвегорци под традиционални маски ги канеа граѓаните на Скопје во Домот на АРМ, каде што на 1 и 2 април се одржуваше Саемот „Живо наследство“, на кој учествуваа излагачи од 25 локални заедници од цела Македонија. Отворајќи го саемот, директорот на ИК Банка - Скопје, г. Панче Манчевски ја нагласи шансата што ја имаат многу локални заедници - да го планираат својот развој преку културното наследство. Изложбениот дел понуди рачни производи од дрво, волна, ковано железо, длаборез, делови од носии, како и природна храна, традиционални музички инструменти, разни брошури и информативен материјал. Покрај тоа, на саемот беа презентирани вештини на ткаење на разбој и изработка на глинени производи на грнчарско колце, како и документарни филмови и презентации за Јуруците од радовишко-штипскиот регион, за наследството од Вевчани, од лесновскиот крај, за природните вредности на Долна Река и на Беласица. Студентите по етнологија од Скопје изведоа традиционални обичаи од Поречието, а г. Методија Златков од селото Ѕвегор свиреше на гајда и кавал. Младите од Битола ја изведоа театарската претстава „Идентитети“. На крајот, посетителите го проследија настапот на чалгиите од оркестарот „Калдрма“. Дводневниот саем го привлече вниманието на повеќе илјади посетители, кои купуваа производи и се интересираа за културното богатство на Македонија.


24.01.2005 | Сувенирница и галерија во Крушево
На 22 јануари 2005 година, Крушево по долги години доби прва продавница за сувенири и културен простор за изложби, камерни концерти, промоции и други културно-уметнички настани, во реновираниот објект на Домот на култура „Наум Наумовски Борче“. На отворањето присуствуваа голем број крушевчани и гости од цела Македонија. Програмата беше збогатена со мини-концерт на триото Х. Х. Мулар (гитара), Ј. Пенов (гитара) и П. Колески (кларинет), како и со аудио-визуелен приказ „Епопејата на Мечкин Камен“ и настап на КУД „Н. Н. Борче“ од Крушево. Средствата за реновирање на објектот во износ од $29.500 американски долари се обезбедени од програмата “Живо наследство”.


13.01.2005 | Ѕвегорската сурва во Скопје
Во средата, 12 јануари 2005 година, скопјани имаа несекојдневно доживување – Ѕвегорската сурва гостуваше на плоштадот „Македонија”. Околу 50 лица под маски ги забавуваа граѓаните и ги повикаа на прослава во нивното село. Здружението “Искон” од селото Ѕвегор доби грант преку програмата “Живо наследство” на ФИООМ за афирмација на традиционалното наследство, меѓу кое е и овој карневал, кој се одржува со векови на Василица.


26.12.2004 | Момин бунар - повторно вода и радост
Жителите на Топуско маало, едно од најстарите во Струмица, со ора и песни ја прославија реконструкцијата на Момин бунар. Изграден пред три века, бунарот повторно стана место за средби и водоснабдителен објект. Информативната табла што беше откриена пред јавноста и локалните медиуми донесува податоци за историјатот на бунарот. Проектот го спроведе здружението „Планетум“ во соработка со локалните жители, а со финасиска поддршка од $5,000 американски долари обезбедени преку програмата „Живо наследство“.


24.12.2004 | Финансирани 8 нови проекти
Во текот на 2005 ќе бидат реализирани уште 8 нови проекти финансирани од програмата „Живо наследство“. Во с. Лешок ќе биде отворен младински културен центар за собирање и проучување на локалното културно наследство. Стари предмети и фотографии ќе собираат и ќе ги проучуваат младите и постарите од Гостивар. Патеката до ледничкото езеро Локув на планината Дешат ќе биде обележана, а природниот амбиент уреден од волонтерите од Ростуше. Ракотворбите и василичарските обичаи од познатата сурва од с. Звегор ќе бидат претставени во Скопје. Афирмација преку изложба и каталог ќе доживее и културата на Јуруците од општина Карбинци. Млади Роми од Берово ќе развијат нов модерен асортиман на производи, следејќи ја традицијата на ковачкиот занает од нивните предци. Околу манастирот во с. Лесново ќе биде уреден природен парк, патеките до околните мали пештери ќе бидат обележани, а културното наследство на овој крај ќе биде претставено во каталог. Во Скопје ќе биде организиран голем саем на живото наследство, со цел да се претстави успехот на сите досегашните проекти и да се афирмира философијата на оваа програма. Вкупната финансиска поддршка за овие проекти е $35,000 амерiкански долари.


21.12.2004 | Прибирање средства за локални проекти
Од 17 до 19 декември, во Крушево 28 членови на мрежата „Живо наследство – Македонија“ проследија обука за прибирање финансиски средства за локални проекти. Обуката имаше цел да ги поттикне учесниците да ги истражат и искористат сите расположиви ресурси на локално ниво. Во практичниот дел, се вежбаа техниките аукција, свечена вечера и лобирање преку лични контакти за прибирање средства.


12.11.2004 | Обука за развивање проект
На 25 и 26 ноември во Скопје се одржа работилница на која тимови од Берово, с. Звегор, Ново Село, с. Лешок, с. Лесново, Гостивар, Ростуше и с. Карбинци добија обука за развивање проект, со кој ќе конкурираат за грант од програмата „Живо наследство“. Одлуките за грантови ќе бидат донесени до крајот на 2004, а проектите ќе се спроведуваат во текот на 2005 година.


10.11.2004 | Регионална средба во Сараево
Од 3 до 7 ноември 2004 година во Сараево, БиХ, се одржа Третата регионална средба на партнерите на програмата „Живо наследство“. Колегите од Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Романија и Белгија разменија искуства и се договорија за идните активности. Во мај 2005, во БиХ ќе се одржи напредна професионална обука од областа на наследството и развојот, а во октомври Македонија ќе биде домаќин на меѓународна конференција за културното наследство. Регионалните активности опфаќаат и изготвување документарен филм, патувачка изложба на фотографии, како и печатење публикација за искуствата од оваа програма.


27.10.2004 | Финансирани три нови проекти
До крајот на 2004 година ќе бидат спроведени три нови проекти финансирани од програмата „Живо наследство“. Во Крушево ќе биде реновиран домот на културата, со што ќе се создадат услови за работа на фолклорна и драмска аматерска група, како и простор за одржување граѓански иницијативи. Во објектот ќе се отвори и продавница за сувенири и ракотворби од жените и занаетчиите од Крушево, како и од членовите на мрежата „Живо наследство – Македонија“. Во населбата Конче во Струмица, со волонтерски труд на жителите и активистите од здружението „Планетум“, стариот Момин бунар и неговата околина, некогаш место за дружење, повторно ќе биде реновиран како јавен простор за пријатни седенки. Во близина на Ново Село, комплетно ќе бидат уредени Мокринските извори во прекрасен мал зелен парк за настава во природа, дружење, пикник. Вкупната финасиска поддршка за овие проекти изнесува $45.000 американски долари.


22.10.2004 | Прослава во Стење
Месната заедница на село Стење и ФИООМ, во понеделник 25 октомври 2004 година, во село Стење, Преспа, со почеток во 11 часот, организираат манифестација по повод завршувањето на проектот „Стење – природна и културна ризница“, поддржан од програмата „Живо наследство“. Манифестацијата опфаќа откривање на информативна табла, претставување на брошура за убавините на Стење и островот Голем Град, промоција на маркирани патеки до локалните природни и културни атракции, натпревар во пешачење и со велосипеди, како и дегустација на локални производи од јаболка. На манифестацијата се поканети домашни и странски гости, за кои се организира посета со брод на плажата Лиса и црквичката Св. Илија.


05.10.2004 | Форум за културен туризам
Во рамките на Програмата „Живо наследство“, ФИООМ организира Форум на тема „Искуства и предизвици за развој на културниот туризам во Македонија“. Форумот ќе се одржи во хотелот „Александар Палас“ - Скопје, на 7 октомври (четврток) 2004 година. Форумот ќе го отвори министерот за економија, господинот Стевче Јакимовски. Форумот има за цел да овозможи размена на информации и искуства за поединечните проекти и активности во оваа област. Претставени ќе бидат повеќе аспекти на законската регулатива за развој на културниот туризам, можностите за претприемништво во овој сектор, како и конкретните искуства од проектите: „Живо наследство“ на ФИООМ и ФКБ, „Развој на општините и културата“ на Министерството за култура и Светската банка и „Кластер за туризам“ поддржан од УСАИД. На форумот се поканети триесетина претставници на релевантни субјекти. Меѓу другото, се очекува да бидат предложени и начини на нивно заедничко, координирано дејствување во иднина.


23.09.2004 | Ракотворбите од Русиново во Скопје
Од 23 до 26 септември во Скопје, во културниот центар Точка (на улица “Илинденска” бр. 38), ќе можат да се видат и купат ракотворбите на жените од Русиново, Беровско. На оваа продажна изложба и презентација, здружението “Ракотворби” ќе ги претстави својот нов каталог и рачно ткаените и плетени производи, изработени од локалните жени од природни, домашни материјали.


06.08.2004 | Поречки панаѓур
Жителите на Растеш и Македонското студентско етнолошко друштво Ве покануваат на Поречкиот панаѓур, што се одржува на 11 и 12 септември 2004 година во Самоков. Оваа манифестација има за цел га претстави и афирмира природните и културните карактеристики на етничкиот предел Порече, како и културните карактеристики од другите краеви на Република Македонија. За условите на сместувањето и резервации јавете се на 070/796-982 на Вања Димитриевски.


15.07.2004 | Отворена патеката до Колешинскиот водопад
На 15 јули 2003 година свечено беше пуштена во употреба пристапната патека до Колешинскиот водопад. На овој настан зборуваа градоначалникот на општина Ново Село, г. Кирил Чавков, и директорот за култура и комуникации на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, г. Иван Додовски. Колешинскиот водопад е еден од водопадите на планината Беласица. Се наоѓа кај селото Колешино, општина Ново Село, Струмичко. Проектот го спроведоа жителите на селото во соработка со еколошкото здружение “Извор” од Ново Село.






Внесете го терминот што го барате и кликнете на "Пребарувај"

Go Macedonia
Metamorphosis
Mango Online
Skola za demokratija
NGO's Support Centers
NVO infocenter
Gragjanski svet
Eko Net
Website of Reka region
Blesok
FIOOM

FOSI Macedonia - all rights reserved